Две недели до најблиското пристаниште

Или: За Неодбранливоста на Абортусот

Непромислени, нечовечни и заводливи! Со овие ни малку ласкави придавки решавам да ги опишам оправдувањата што обично кај нас се даваат во поддршка на „правото на абортус.“ Написов ќе го започнеме со едно скусено разгледување на првите две групи апологии на абортусот (непромислените и нечовечните), а потем ќе продолжиме со малце позадлабочена анализа на третата (заводливата). А зошто постапуваме така? Тоа е затоа што оправдувањата што решивме да ги наречеме непромислени и нечовечни, а кои често се даваат во корист на абортусот, се исклучиво од индиректна природа, т.е. се однесуваат на надворешни (!) фактори и во однос на мајката и во однос на нејзиниот плод, и оттука се со второстепено значење во секоја поинтелигентна расправа. Заводливите, пак, оправдувања се веќе од посериозна природа и тие се потпираат на позиции што се обидуваат да го одбранат абортусот врз основа на тврдења, кои сакаат да го дефинираат статусот на самиот фетус и на правата, со кои мајката располага над него. Оттука, овој тип на оправдувања и заслужуваат да им се посвети поголемо внимание…

Lebensunwertes Leben

Абортусот е нужен со цел да се: „избегне влошена економска состојба, која би настанала со раѓање на детето“, „да се доврши образовниот процес на несудените родители, кој би можел да биде успорен со раѓање на бебе“, „да се избегне доаѓањето на свет на дете со ментален или физички хендикеп“, „да се тера поуспешно кариерата на родителите, која евентуално би била загрозена со раѓањето на новороденчето“, „да се избегне ситуацијата детето да се роди во семејство каде нема да биде доволно сакано и би имало ’несреќен‘ живот“ итн…

Значи, како што веќе кажав, аргументите од овој тип ги нарекувам – нечовечни! А зошто се тие такви? Од проста причина што ваквите правдања се потпираат врз базичната претпоставка дека човечкиот живот нема вредност сам по себе, туку само доколку некои други надворешни услови (од економска, здравствена, социјална природа) се исполнети. Со други зборови, правото на живот не е безусловно, туку е условено! Односно, оние кои вака размислуваат признаваат дека постојат одредени категории на луѓе (физички или ментално хендикепирани, сиромашни, социјално онеправдани и т.н…), на коишто би им било подобро никогаш и да не се родиле. На овој начин, поборниците за абортус го враќаат во употреба принципот на Lebensunwertes Leben, т.е. – „живот невреден за живеење“, од правната пракса на Нацистичка Германија. Според ова начело, државата има право и е должна „од хумани побуди“ да им ја ускрати можноста за живот (по пат на „пренатален“, а и на „постнатален“ абортус) на горенаведените категории на личности, на кои живеењето (сосема како и по тврдењата на модерните „абортозаштитници“)и онака би им претставувало мачење. Не треба да спомнуваме дека во тоа време Германија во целост се трудела да ја исполни таа своја „должност.“ А да не забораваме дека горенаведените услови од здравствена, економска и социјална природа може да исчезнат и после раѓањето. И во текот на животот во било кој момент секој човек може да осиромаши, да се разболи со болест што ќе го остави хендикепиран, да биде отфрлен од средината и слично. Дали во тој случај би му препорачале некому да се самоубие или да појде на „хумана“ еутаназија? Видете, кога толку лесно се имплицира дека животот сам по себе не е доволен за да стане вреден за живеење, туку потребно е плус нешто друго, во чие отсуство имаме смелост да кажеме за некого – „подобро би било да биде абортиран“, тогаш географското и историско растојание помеѓу Германија од пред едно седумдесет години и нас во овој момент тука навистина се тенчи тукуречи до спојување. Всушност, ако го погледнеме во светски рамки историјатот на борбата за „репродуктивни права“, вклучувајќи го и „правото на абортус“, ваквата споредба и не изгледа толку некоректна. На пример, Амерканската Федерација за Планирње на Семејството (Planned Parenthood Federation of America), основачка членка на Меѓународната Федерација за Планирање на Семејството, која моментално на глобално ниво претставува најголем поединечен субјект што спроведува абортуси и од своето основање во 1916-та година е моќен лобист за легализирање на абортусот насекаде низ светот, изворно својата активност ја базира врз недвосмислени расистички и еугенички основи. Така, во почетокот тие ја бранат неопходноста од контролата на раѓање и абортусот како средство за намалување на бројот на „дегенерирани“ лица и припадниците на „инфериорните“ раси во општеството. Не, не ве лажам за ова! Прочитајте ги сами написите на Маргарет Сангер (Margaret Sanger; 1879-1916), основачот на оваа угледна организација, славниот доајен на феминизмот и првоборецот за женски репродуктивни права. Еве, во својата книга „Жената и Новата Раса“ (Woman and the New Race; 1920) таа ја опишува својата лобирачка дејност во корист на планирање на семејството како: „…олеснување на процесот на искоренување на неспособните, односно, спречување на раѓање на дефективните и на оние кои ќе станат дефективни.“ На истата тема таа говори и во стручното списание „Преглед на Контролата на Раѓање“ (The Birth Control Review), каде што нагласува: „Најургентен проблем денеска е како да го ограничиме и обесхрабриме прекумерното раѓање на ментално и физички дефективни лица.“ А во истото списание, само во поекстремна форма, Маргарет Сангер повикува: „Треба да се спроведе строга и ригидна политика на стерилизација и сегрегација на оној сегмент на популацијата, кои имаат веќе нечисто потомство и чиешто наследство е такво што непожелните карактеристики би можеле да се пренесат на идните генерации“ (The Birth Control Review, Април, 1932; стр 106). Во таа групација на лица чие раѓање „не е пожелно“, спаѓаат и припадниците на „пониските“ раси. Видете, на пример, како госпоѓа Сангер[D.B.1] , инаку деклариран радикален социјалист, се изразува за домородните народи на Австралија: „… австралиските Абориџини, кои се најнизок досега познат вид во човечкото семејство, стојат само за едно скалило погоре од шимпанзата според развојот на мозокот“ (What Every Girl Should Know, 1920; стр. 47). Федерацијата за Планирање на Семејството, а и останатите лоби-групи за „репродуктивни права“ своите отворени еугенички и расистички аргументи престануваат да ги изложуваат во јавност дури по крајот на Втората светска војна, за да избегнат асоцијации со германскиот нацизам, меѓутоа, како што можеме да видиме, и до ден денеска им се случува повремено да изнесуваат на површина слични компромитирачки оправдувања во корист на абортусот. Изгледа дека многу тешко може да се побегне од семејното наследство, нели!? Ах, и да не заборавам – Маргарет Сангер во 1957-ма година од страна на Амерканската Хуманистичка Асоцијација е прогласена за „Хуманист на Годината.“

Понатаму, овде не е место допрва да докажувам дека сечиј живот е вреден за живеење без разлика на економските, здравствените и социјалните околности. Верувам дека ова е очигледно само по себе. А оние, пак, кои не мислат така и го оправдуваат абортусот под образложенијата што тукушто беа изложени, првин нека се прошетаат малце низ град, нека најдат некое Ромче, кое пита, нека му погледнат во очи и да му кажат: „Јас мислам дека ти не си требал да се родиш и најдобро би било мајка ти да те абортирала!“ После нека се вратат да правиме муабет…

Истите борци за абортус честопати велат дека абортусот е неопхадно да биде легален, зашто во случај да не биде дозволен, тој ќе се случува на црно и во нехигиенски, нестручни услови. Образложенијата од овој тип, како што реков, се непромислени и недоветни. Видете, ако ние тука се расправаме околу етичката димензија на некоја постапка, тогаш елементарната логика нè тера да се задржиме врз испитување на внатрешната морална вредност на тој акт, а не на софистички нафрлања како горенаведеното. Размислувате ли што кажавте кога го изговарате горенаведеното оправдување!? Тоа значи дека утре некој може да истапи со барање дека треба да се легализира производството и трговијата со хероин, бидејќи во случај да не бидат легални, тие и онака ќе се случуваат на диво, со сите придружни последици – криминалност, нехигиена, неквалитет на „робата“ и т.н, а да не заборавиме, во случај хероинот да биде озаконет, тогаш и државата ќе има полза од даноците. Прекрасно, нели!? А да одиме и понатаму, да се замислиме себеси во некој дистопичен научно-фантастичен роман, при што сме се нашле во свет, каде што и „обичното“ убиство е легализирано под сосем истото оправдување – т. е., „што вреди да е забрането, кога тоа пак ќе се случува.“ Значи, вие само ќе треба да ѝ платите на државата доволно голема тарифа, а таа за возврат хумано ќе го „еутаназира“ лицето, кое ви пречи, се разбира, во беспрекорни медицински и хигиенски услови. Разбирате ли, на овој начин буквално секое злосторство би требало да биде легализирано – педофилија, фалсификување, кражба, претепување…; нели, сите овие нешта ќе се случуваат „на црно“ без разлика на тоа што сега се сметаат за незаконски. Причината зошто овие дела не се легални не е тоа што веруваме дека, ако бидат формално забранети и правно санкционирани, тие сто-процентно ќе исчезнат од општеството и ќе престанат да се случуваат дури и „на црно“, тука затоа што ние како свесна општествена заедница веруваме дека тие сами по себе (!) се морално погрешни (то ест, се злосторства), и оттука претставува морален императив нив законски да ги забраниме, без разлика на нивното понатамошно постоење или непостоење „на диво.“

Кога станува збор за проблемот со абортусот, етичката димензија на прашањето лежи во тоа дали фетусот поседува човечки живот или не, и кој е односот на мајката кон сопствениот плод. Чисто претопоставете – доколку фетусот навистина и објективно има човечки живот, тогаш легалноста на абортусот станува морално неодбранлива, и сите други надворешни околности (како возможноста за „диви абортуси“) стануваат сосема небитни!

Да сумираме сега. Како што гледате, употребата на претходната поредица аргументи, коишто мнозина меѓу застапниците на абортусот често ги употребуваат, а ние овде ги окарактеризиравме како нечовечни и непромислени, всушност сведочи, пред сè, за незрелоста на оние што прибегнуваат кон вакви обрзаложенија и за нивната основна неспремност да учествуваат во било каква издржана дебата по повод ова прашање.

Но од друга страна има и поинтелигентни промотори на легалноста на абортусот, кои се трудат него да го оправдаат со аргументи што се однесуваат на самата природа на фетусот, како и со испитување на правата, коишто мајката ги има во однос на својот плод. Тука веќе се среќаваме со една посериозна аргументација, која може да заведе….

Хиерархија, а не Еднаквост

Во векот, во којшто живееме, нема кој не се плаши од хиерархии, сите како папагали говорат дека се залагаат за апсолутна еднаквост во однос на сè. Сите ние тврдиме дека имаме права, кои никој не може да ни ги ускрати. Еве, ќе си дозволам меѓу овој унисон хор малце да исфалширам и старомодно да кажам дека – не, хиерархија постои и треба да постои меѓу различните права и вредности! Секоја одлука и постапка не е еднаква со било која друга. На пример, кое право најчесто се зема како темелник во одбрана на легалноста на абортусот? Ви текнува, секако, тоа е „правото на избор.“ А да прашаме, освен правото на избор, постојат ли и други права? Па, се разбира дека постојат… но нема потреба да ги набројувате сите. Сакав само да укажам на простиот и очигледен факт, кој токму поради својата обичност и очебијност честопати бидува пренебрегнат, а тоа е дека меѓу овие права постои строга хиерархија, и ниту едно право не е еднакво со било кое друго, туку секогаш едното е во надредена, а другото во подредена положба. Така, уверен сум дека правото на живот се наоѓа на врвот од вредносната хиерархија, додека останатите права, секое по својот ред, стојат пониско од него. Доколку некој не се сложува со оваа хиерархиска скала, нека ми објасни со кои аргументи ќе нè увери дека правото на живот не треба да стои на врвот од вредносната пирамида.

Всушност, и нашето постојно закондавство ја признава таа хиерархија на вредности. Сите оние, кои имаат полагано за возачка дозвола, во текот на задолжителниот курс за прва помош се сеќаваат како им било предочено дека според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Член 220:

(1) Лицето кое ќе се затекне или ќе наиде на место на сообраќајна незгода во која има повредени лица е должно да им укаже помош на лицата повредени во сообраќајната незгода.

Законот, значи, не ни ја остава можноста за слободен избор во спомнатата ситуација. Следствено, јас не можам да изберам со моето тело да правам што сакам, т. е., доколку посакам, да го одминам местото на несреќата (со која јас и онака немам никаква врска) без да сторам ништо. Напротив, јас под закана од правна санкција сум принуден во тој случај да се откажам од своето право на избор и да укажам прва помош на оние, на кои им треба, без разлика какви се моите лични желби. А зошто тоа би било така? Затоа што законодавството смета дека туѓото право на живот е надредено во однос на моето право на избор!

Се разбира, кога станува збор за абортусот, остануваат дилемите околу тоа дали за фетусот може да се каже дека поседува човечки живот или не. Јасно е дека пасионираните поборници за „правото на абортус“ како од пушка ќе извикаат дека во него нема човечки живот. Но од друга страна, никој од нив досега не бил во состојба да посочи кога точно плодот се здобива со човечки живот. Сигурен сум исто така дека ниту еден од нив не би одрекувал дека фетусот еден ден пред породувањето веќе има човечки живот. А една недела претходно, или еден месец, или, пак, три месеци пред тоа…? Повикувањето на „законската рамка“ од три месеци за легален абортус не помага многу во однос на ова прашање од најмалку две причини:

Како прво, таквата рамка, која постои во некои земји, не е поставена врз основа на временско определување на почетокот на човечкиот живот, туку како мерка за практична претпазливост во однос на животот на мајката; односно, проценето е дека прекин на бременоста во подоцнежна фаза е опасен по нејзиниот живот (во други земји, пак, што може да се пофалат со поразвиени медицински установи, такво временско ограничување не постои). Како што гледаме, дилемата околу точниот почеток на човечкиот живот на фетусот не играл никаква улога во одредувањето на временските граници за легален абортус.

Понатаму, малце е апсурдно да се тврди дека фетусот во 89-от ден на бременоста нема човечки живот, а во 90-от ден, тој наеднаш со хокус-покус станал член на човечкиот род. Што ли се случило на преодот од 89-от и 90-от ден? Кој процес се одвил што му дал буквално преку ноќ живот на плодот?

Да разјасниме нешто. Ни најмалку не ми е намерата тука да објаснувам дека од самиот почеток на бременоста фетусот поседува човечки живот. Не сакам сега ниту да се повикувам на поновите сознанија за развојот на плодот што ни ги дава современата медицинска техника за следење на бременоста (и кои некако не ја поткрепуваат баш тезата дека фетусот не е жив…). Не. Во интерес на дебатата засега ќе заземам минимална позиција, позиција на агностицизам, т.е. незнаење. Значи, ќе речам: „Не знаеме дали фетусот во утробата на мајката поседува човечки живот или не.“ Верувам дека по толку расправи и докажувања, тоа е средната точка, на која би прифатиле да застанат и повеќето од поборниците за абортус – дека во однос на прашањето кога започнува човечкиот живот не постои општа согласност, па чесно е да признаеме дека не сме сигурни околу тоа. Но внимавајте сега…

Дури и да не сме сигурни дали фетусот поседува човечки живот или не, токму таа несигурност претставува доволна (!) причина за оневозможување да се изврши абортус. Зошто? Едноставно – не сме во состојба да пренебрегнеме едно основно етичко правило, кое може да се формулира како: „Во конкретна ситуација, кога не сме сигурни дали човечки живот е присутен или не, секогаш му се дава предност на мислењето дека човечкиот живот е присутен!“ Впрочем, тоа е причината зошто, доколку се случила собраќајна несреќа, а ние налетаме на лице, кое не дава видливи знаци на живот, ние повикуваме Брза Помош, а не мртовечка кола. Дури и минималното (!) сомневање дека постои човечки живот нè принудува да дејствуваме и да се однесуваме како тој сигурно да е присутен! Ако некој смета дека ова начело е погрешно, слободно нека даде предлог во иднина кога за некој повреден или болен не постои сигурност дали е жив или не, веднаш да се прати во мртовечница; така, нели, е „попрактично“, и во секој случај, вкупните трошоци ќе бидат помали…

Обожувателите на Ван Гог.

Меѓутоа, уверен сум дека најекстремните поборници за абортус не се спремни јавно да искажат макар и зрнце сомневање во паролата – „фетусот нема засебен живот“, и дека тој просто претставува „дел од телото на мајката.“ На ова уште може да се надоврзе и од нив формулираната догма, која гласи: „Над она што се случува во рамките на нашето тело ние имаме апсолутна слобода на избор, во која никој нема право да се меша.“

Повторно погрешно! А доколку не ми верувате дека ние не поседуваме целосна слобода на избор дури ни во однос на деловите од сопственото тело, ве повикувам да го направите следниот експеримент:

Појдете на клиника, влезете во ординација на хирург и најљубезно замолете го да ви го ампутира, да речеме, левото уво (кое е, патем, совршено здраво). Не обѕирајте се воопшто на неговата вџашеност. Само смирено објаснете му го очигледниот факт дека вашето уво претставува неспорен дел од вашето тело, а со деловите од сопственото тело, нели, имаме право да правиме што сакаме. Ако докторот сè уште не ви изгледа доволно убеден во оваа аргументација, тогаш потсетете го на гарантираното „право на абортус“, кое своето постоење го должи на идентично образложение.

Се чудам, зошто интуицијата ми вели дека треба само да сте доволно упорни во нашиов замислен случај, па конечно ќе ви се исполни желбата да завршите во раце на доктор… меѓутоа се плашам дека тоа најверојатно ќе биде невропсихијатар, а не хирург!

Од стојалиште на медицинската етика, одбивањето на согласност од страна на било кој хирург да ампутира сосема здрав дел од човечкото тело се базира врз едно просто и општоважечко начело на лекарската професија: „Не причинувај штета!“ Нормално, произволното отстранување на дел од човечкото тело во отсуство на крајна здравствена нужда претставува јасно и очебијно „нанесување штета“, без разлика колку некој за себе мисли дека „има апсолутно право на избор да прави што сака со деловите од своето тело.“ Од друга страна, не им ласка многу на интелигенцијата[D.B.2]  на одредени припадници на медицинската професија, кои се волни да отстрануваат совршено здрави и нормални фетуси и во тек на регуларна и непроблематична бременост, а тоа да го образложуваат со тврдењето дека: „фетусот е само дел од телото на мајката, а бидејќи со деловите од сопствените тела сите имаме неотуѓиво право да правиме што ни се сака, така и таа по желба може да си го отстрани инаку нормалниот и здрав фетус, а ние докторите притоа сме должни даѝ ја исполниме таа желба.“ (И покрај површната сличност, овде не постои блискост со случаите на доброволна трансплантација од хумани побуди, зашто тогаш отстранетиот здрав орган се запазува неповреден и продолжува да живее и да ја извршува својата природна функција во рамките на друг човек, кому му е неопходен заради спасување на животот, додека при абортус здравиот фетус не продолжува да живее и природно да се развива, туку се отстранува токму за да биде уништен, буквално да биде фрлен во ѓубре.) Но да се вратиме сега на нашиот лекар. Значи, во еден случај доаѓа вљубеник во ликот и делото на Винсент ван Гог и му вели на докторот: „ве молам отстранете ми го левото уво, бидејќи тоа е само дел од моето тело, над кој имам целосна слобода на располагање“ – а докторот со строг глас ќе му одговри – „па баш затоа што тоа е дел од твоето тело, јас не можам да го отстранам без да има крајна медицинска потреба, бидејќи таквиот акт би претставувал негација на самата смисла на лекарската професија“; во друг, пак, случај, само половина час подоцна, на истиот доктор му доаѓа жена, која сака да абортира, па тој ја теши – „не тревожете се, станува збор само за дел од вашето тело, над кој имате целосна слобода на располагање, па така јас сега без проблем ќе ви го отстранам плодот.“ Се обидувам да претпоставам, кога би бил психијатар, која дијагноза би му ја поставил на нашиов замислен доктор за ваквото противречно и оксиморонско поведение… (А не гледам никаква потреба под нос да му ја ставам Хипократовата заклетва, која во својот четврти член гласи: „…ниту на жена ќе ѝ дадам средство за пометнување.“ Па и онака таа е веќе „застарена.“ Кој нормален исполнува заклетви од пред две ипол илјади години!?)

Како што гледате, најчесто ползуваното оправдување на возможноста за абортус („фетусот е само дел на нечие тело“ + „над деловите од своите тела луѓето имаат апсолутна слобода на располагање“ = „абортусот, т.е. отстранувањето на фетусот, треба да биде дозволен“) воопшто не се темели на некакви цврсти основи. А за да видите колку тие основи се трошни, ве предизвикувам да се соочите со целосните консеквенци од посочената аргументација. Доколку под наведеното образложение абортусот треба да биде легален, тогаш нужно следи дека не само и ампутацијата на здрави делови од телото треба да биде озаконета, туку исто така и трговијата со органи! Ако луѓето имаат целосна слобода на избор во однос на деловите од своето тело, тогаш неизоставно таа слобода би го опфатило и правото човек истите да ги продава за пари. Го поставуваме прашањето – дали тоа што сегашното законодавство во светски рамки ја забранува трговијата со органи претставува грубо кршење на нечии „права“? Да одиме понатаму. Дали можеби и со обидот за спасување на животот на луѓе, кои пробале да извршат самоубиство, всушност, се крши нивното право на избор? Имено, самоубиецот веќе го донел својот избор во врска со сопственото тело (т.е. решил да му го одзеде животот), додека лекарската екипа или, пак, други луѓе, кои се обидуваат да го спасат, недвосмислено му го негираат тоа право на избор. Може ли да очекуваме во иднина загрижените заштитници на легалноста на абортусот исто толку настојчиво да се залагаат за криминализација на обидите за спасување на животот на самоубијци!? Од аргументите, со кои се оправдува едното, нужно следи и другото!

Но ова сега го кажавме само за да посочиме на еден подзаскриен факт. Имено, оние, коишто најгласно викаат дека „фетусот е само дел од нечие тело“, всушност, ни самите не веруваат во тие свои зборови. Јасно е дека нема тие сега да се спотепаат да се борат за бизарности како – „правото на слободна ампутација на здрави органи“ или за „правото на непречена трговија со органи“, да не правиме муабет, пак, за „почитувањето на правото на избор на несудените самоубијци“ (што теоретски би следувало од некакво чувство за доследност). Се гледа дека нашиве поборници за абортус искрено не се уверени ниту во првиот дел од сопствената реторика (т.е. луѓето имаат апсолутна слобода на избор во однос на своето тело), ниту, пак, во вториот (т.е. фетусот е дел од телото на жената). Едното го увидовме од фактот дека меѓу нив нема да се најдат многу борци за веќе спомантите „поживописни“ каузи, кои произлегуваат од нивните сопствени тврдења. Другото, пак, најјасно се гледа од самиот психолошки однос што тие го имаат кон фетусот. Каков е нормалниот човечки однос кон деловите од сопственото тело? Се разбира, луѓето ги сакаат своите тела, ги греат, ги пазат, ги разубавуваат, ги штитат од повреда и болка. И еден обичен заб да е во прашање, спремни сме сè да направиме само да го зачуваме, односно без крајна потреба не би дозволиле да биде изваден. Но кога станува збор за еден друг „дел од телото“, сè се менува. Тука веќе важи правилото – што побрзо да се отстрани, што побргу да се откачиме од него. Токму таа неподнослива леснотија на абортусот сведочи најгласно дека оние, кои тврдат дека во нероденото дете гледаат само „дел од телото на мајката“, едноставно не ја зборуваат вистината.

Во нивниот ум фетусот воопшто нема статус на „дел од телото.“ Простете ми на нелогичниот призвук, но испаѓа дека тие потсвесно се свесни дека тој, всушност, претставува засебно суштество со сопствен живот. Проблемот е во тоа што тие изгледа не веруваат дека тој негов живот е човечки, туку е поинаков, со нечовечка природа… Мислам, станува очигледно дека во умот на „абортозаштитниците“ фетусот се согледува како непријателско независно суштество, небаре е паразит или некое вонземно чудовиште од SF – филмови (Б-категорија), кое на необјаснив начин влегло во телото на жената. Оваа психолошка димензија не е толку неверојатна како што на прв поглед изгледа. Обрнете внимание и на уште нешто. Имено, како во секојдневните разговори најчесто се нарекуваат средствата за контрацепција? – Анти-беби пилули! Извинете, ама ќе се сложите дека таквиот тип на изразување повеќе прилега кога се говори за спрејови против комарци.

Всушност, иронијата е во тоа што абортусот теоретски може да биде одбранет само од оваа SF позиција. Увидовме дека абортусот по желба е морално недопустив дури и во случај фетусот да се смета како обичен дел од телото на мајката, бидејќи тоа се противи на базичното начело на медицинската етика да не се причинува штета, зашто отстранувањето без здравствена нужда на здрав дел од телото претставува само по себе нанесување повреда, односно – „причинување штета.“ Секако, ако плодот има независен човечки живот, тогаш насилното прекинување на бременоста се сведува на убиство, кратко и јасно. Останува само третата варијанта, која кога би била возможна, би се нашла во состојба да го оправда абортусот. Имено – фетусот да претставува независен (значи, да не биде дел од телото на жената), а воедно и нечовечки живот, како на пример некаков паразит (кој со самото свое постоење го загрозува животот на домаќинот), да речеме (простете на изразот) – кучешка тенија или слично. Не ми е познато дали досега некој од поборниците на абортусот се обидел истиот јавно да го правда со повикување на овој аргумент, ама изгледа дека неговата дречлива апсурдност ги спречува да го сторат тоа. А каде лежи таа апсурдност? Па, во една непремостива логичка и биолошка пречка. Односно, како може да се докаже дека фетусот во утробата на мајката е со посебен нечовечки живот, за при раѓањето на фантастичен магионичарски начин нечовечкото суштество во една секунда да се претвори во човечко!? Исто така, биолошката наука досега не знае за пример на живо суштество, кое во текот на еден животен циклус си ја менува припадноста на видот. Со други зборови, јасно е дека бремената жена на крајот од бременоста нужно ќе роди човечко бебе, а не по некоја случајност – зајак, леопард или орангутан. Меѓутоа, како што веќе укажав, реалната апсурдност не ги спречува нашите „абортозастапници“ потсвесно да веруваат токму во ова.

На крај, останува уште да се задржиме и на една понова апологија на абортусот. Мнозина чувствуваат дека е сè потешко да се брани легалноста на абортусот преку одрекување на животот на фетусот (тешкотија што секојдневно се зголемува со развојот на техниките за пренатално следење на плодот), а исто така и класичната аргументација која се фокусира на тврдењето „фетусот е дел од телото на мајката“ во себе содржи многу проблеми и противречности. Оттука, посовремените идеолози на абортусот се обидуваат да ги решат овие проблеми по пат на радикално превреднување на сите вредности, то ест – менување на хиерархиската скала на права што ја спомнавме на почетокот. Сосема во духот на времето (кое со одликува со екстремен индивидуализам и нарцизам), тие агресивно настапуваат дека како врвни права може да се сметаат само оние, коишто ја гарантираат апсолутната сувереност на индивидуата и нејзината волја над сè друго. А штом тоа е така, тогаш прашањето околу можното право на живот на фетусот станува ирелевантно. А зашто би било ирелевантно? Затоа што без разлика дали веруваме дека плодот во утробата на мајката има живот или не, е нејзин дел од телото или не, еден факт е непобитен, – имено тој е исцело зависен од личноста на мајката, поточно од нејзините биолошки функции.

Иако рековме дека овој особен вид на рационализација на абортусот зема замав во поново време, сепак, мора да се признае дека зад себе има релативно долга предисторија. Имено, за првпат тој е промовиран од страна на американскиот философ Џудит Џарвис – Томсон (Judith Jarvis Thomson) во нејзината книга Одбрана на Абортусот (A Defense of Abortion) од 1971-ва година. Како илустрација на посочената аргументација на абортусот таа ја користи својата прочуена „аналогија на виолинистот“: „Едно утро сте се разбудиле и сте откриле дека сте во кревет со непознат виолинист. Реномиран виолинист во несвест. Откриено е дека тој има фатална бубрежна болест, и Друштвото на љубители на музиката, откако го прегледале целокупниот корпус на медицински записи, откриле дека само вие имате соодветен тип на крв за да му помогнете. Така, минатата ноќ тие вас ве грабнале и го приклучиле неговиот крвоток на вашиот, та вашите бубрези ја прочистуваат и неговата крв од токсини исто како и вашата. (Ако тој сега се оддели од вас, ќе умре), но за девет месеци ќе оздрави од болеста, и тогаш безбедно ќе може да се исклучи од вас“ (A Defense of Abortion, стр. 48-49). Поентата на Томсон е дека без разлика што виолинистот има „право на живот“, тоа свое право не може да го остварува за сметка на друго лице (патем речено, во примерот со виолинистот е нагласено дека при целиот процес вашиот живот и здравје не се ни најмалку загрозени, односно, вие не го жртвувате својот живот за да го спасите неговиот). Аргументот е дека доколку вие изберете да се одделите од виолинистот, и на тој начин ја предизвикате неговата смрт, со тоа не сте сториле ништо неморално. Зошто? – Затоа што, според Томсон, виолинистот можеби има „право на живот“, но нема „право да се ползува со вашето тело.“ Доколку, пак, вие изберете да останете приклучени за болниот виолинист, тоа е само ваша „добра волја“, а никако должност! За Томсон нероденото дете е виолинистот, а мајката е лицето приклучено за неговиот крвоток (иако во оваа приказна има уфрлено една „финта“, која ја прави паралелата со вистинската бременост проблематична – делот со „грабнувањето на спиење“; затоа што во реален случај на забременување тоа не се случува баш „во несвесна состојба“; единствена можна аналогија со тој сегмент од примерот би можела се да најде евентуално при случај на силување; исто така, жената во текот на бременоста не е девет месеци неподвижно врзана за кревет, како што тука се сугерира). Како и да е, импликациите се јасни. Чекорејќи по оваа логика, никој не е морално должен (а следствено, ниту државата смее да наметнува таква должност) да му помогне на друго човечко суштество во животна опасност (на пример, при сообраќајна несреќа, болест, гладување и слични случаи), така што неговата смрт е цена што вреди да се плати за нашата „слобода на избор“.

Тука дури и туѓото право на живот станува подредено и релативизирано во однос на апсолутизираното право на индивидуата да има контрола врз сопствениот телесен интегритет. А што во практиката значи тоа, ќе видиме набргу…

Среде Океанот

Дури и најсувопарните формулации стануваат восприемливи за човечкиот разум кога ќе се претворат во слика. Оттука, со цел да ја изложиме етичката неодржливост на абортусот и под последново оправдување – дека „фетусот е целосно зависен од функциите на телото на мајката, без кое тој не може самостојно да опстои“, ние ќе се послужиме со следниов мисловен експеримент:

„Млад брачен пар решава да ја оствари својата дамнешна желба – со приватна јахта тргнува на едногодишно романтично патување околу светот. Се разбира, вљубените гулапчиња сакаат да побегнат од сè; значи, нема мобилни, радио станици, интернет и останатите златни пранги на 21-от век. Останува само пурпурното море под нив и ѕвездениот свод високо горе. Меѓутоа, тие не успеваат да предвидат една работа – имено, кога отпловуваат, жената е веќе бремена! Така, наоѓајќи се среде Тихиот Океан, на две недели до најблиското пристаниште, таа се породува во импровизирани услови. За среќа, детето е живо и здраво. Таткото е пресреќен, но тогаш мајката донесува одлука, која тој не може да ја разбере. Таа решава да не го дои бебето! Таткото е избезумен; молбите не помагаат, а од друга страна, на бродот нема ниту капка млеко, а уште помалку, пак, цуцла или шишенце. За жал, на крај доаѓа до неизбежното – детето умира! Кога, конечно, по две недели јахтата допловува до пристаништето, избезумениот татко веднаш скока од бродот и истрчува до најблиската полициска станица да го пријави случајот.“

Би ве замолил сега сите да се ставите во ситуација на окружниот обвинител од овој живописен пристанишен град. Секако, тој е оставен пред две можности:

а) Да не покренува било каква постапка против мајката.

  • Во рамките на опишаните околности јасно е дека бебето било целосно зависно од телото на мајката за да преживее. Со други зборови, на новороденчето му била потребна физичка врска со телото на мајката (преку конкретна незаменлива биолошка функција на тоа тело, односно, лачењето на млеко од страна на млечните жлезди), независно од којашто тоа не би можело да си го зачува животот. Следствено, во овој случај може да се примени следново правило: Со оглед на тоа што на доенчето во дадените околности му било сосема невозможно да ги остварува своите животни функции одделно од телото на мајката, во актот на одбивање да го дои своето бебе, жената само го применила своето право да остварува апсолутна и суверена контрола врз своето сопствено тело; доколку, пак, како резултат од таа одлука на жената да ја остварува оваа сувереност врз своето тело, животните функции на новороденчето биле прекинати, станува збор за несреќна околност, којашто е лишена од наше морално вреднување (штом веќе индивидуалното право на избор и неприкосновениот интегритет на телото имаат апсолутизирано значење).  Гледаме, ова е, всушност, идентична ситуација како при „аналогијата на виолинистот“ опишана од Томсон. Значи, не може да стане збор за убиство.

б) Да подигне обвинение против мајката за убиство на сопственото бебе.

  • Без разлика на сè, доколку како резултат на нечиј намерен и свесен акт (извршен на активен или дури и на пасивен начин, како што, впрочем, е во нашиот замислен случај) животните функции на друго човечко суштество да бидат прекинати, тогаш станува збор за убиство, без разлика на околностите. Секако, оваа варијанта се потпира врз старата морална шема, според која правото на живот има неприкосновена важност, а не правото на избор и индивидуалниот телесен интегритет. Оваа понова генерација поборници на абортусот во тој поглед очигледно себеси се доживуваат како носители на прогресот, додека остатокот од човештвото е малце „заостанат“ во моралните сфаќања.  

Не гледате ли дека овој мисловен експеримент нè соочува со еден интересен феномен? Чисто формално-логички, ако првин веќе сме ја прифатиле аргументацијата во полза на абортусот базирана врз апсолутното првенство на правото на избор во однос на сопственото тело, тогаш ситуацијата е јасна – за никакво убиство не станува збор. Дури може да се каже дека „обичниот“ абортус во поголема мера е проблематичен. Зошто? Затоа што во нашиов замислен „бродски случај“ животните функции на новороденчето се прекинати само како резултат на ментален акт на волјата и ништо друго; жената едноставно свесно извршила контролирање на своите телесни движења. При абортусот, пак, жената не може свесно да ѝ издаде наредба на матката да престане да ја извршува својата природна функција во однос на својот фетус, туку најмено е трето лице – доктор, кој со инвазивен хируршки метод го прекратува животот на плодот! И покрај сево ова, повеќето од оние активисти за „правото на абортус“, кои се потпираат врз аргументот за безусловен примат на слободата на избор во однос на сопственото тело (во споредба со која дури и правото на живот треба да е условено и релативизирано), интуитивно ќе почувствуваат дека во опишаниот морски случај нешто не е во ред, односно, отворено ќе признаат дека детето е убиено, иако токму според логиката што самите ја користат во одбрана на абортусот таквиот заклучок не може да биде донесен.

 Јас лично, пак, верувам дека оваа недоследност се темели врз еден прост и општо познат психолошко-емоционален феномен. Имено, во нашата замислена ситуација на бродот тие гледаат убиство (наспроти нивната сопствена логичка аргументација) од причина што можат да си го замислат лицето на бебето, то ест, тоа е пред нивните очи со румените обравчиња и минијатурните рачиња, постои можност да имаат некаква емоционална реакција кон него, тоа е во нивниот визуелен круг. Од друга страна, при абортусот таков визуелен контакт не постои со фетусот и на тој начин намалена е можноста за некаква емоционална реакција, придонесувајќи да не се појави ни посериозна грижа на совеста, којашто и онака се стишува со убедувањето дека тоа „не е ништо“ и „сосема е нормално“… Всушност, феномен од идентична природа забележан е од страна на психолозите при истражување на психички трауми произлезени во воени услови. Имено, констатирано е дека доста се големи шансите обични војници, пешадијци, да развијат сериозни психолошки проблеми како последица од учество во воени дејствија каде имало жртви. Наспроти нив, управувачи на бомбардери и ракувачи со ракети речиси и да не покажуваат симптоми на психичка траума по воените акции, иако тие самите сигурно неспоредливо повеќе биле одговорни за смртта и страдањето на други луѓе. Причината, нормално, лежи во тоа што пешадијците сите жртви ги виделе со свои очи, па оттука постои и можност да развијат некоја емоционална реакција кон нив, додека пилотите на бомбардери и ракувачите со ракетни системи, иако можеби убиле илјадници или дури и десетици илјади луѓе, сепак, лично немаат видено ниту една од своите жртви, и за нив убивањето е само елиминирање на извесна апстрактна точка на радарот, речиси како во видео игра, та следствено, грижата на совеста и ноќните кошмари им се нешто непознато…

Слично, гледаме преку исползуваниот мисловен експеримент дека најголем дел од оние, кои и рака в оган би ставиле во одбрана на „правото на абортус“, сепак, не би сакале да бидат во улога на мајката од нашиот брод, без разлика што токму нивните објаснувања ја ослободуваат неа од секоја вина. Испаѓа дека повеќето борци за абортусот ќе кажат „2+2=“, но немаат храброст да довршат – „4“. Рековме – „најголем дел од нив“. Всушност, постојат и такви, кои се подоследни, кои храбро го испишуваат знакот за равенство помеѓу абортусот и случаи од типот на нашиот замислен експеримент. Тоа се оние што мислат дека појасно од сите нас ја гледаат иднината. Ним, впрочем, ќе им се посветиме сега, но само после една кратка дигресија, којашто токму во моментов ми текна…

Идеален Пар

Интересно, во минатото (но и сега) абортусот беше глорифициран во феминистичките кругови како средство, со кое жената конечно се ослободува од патријархалната тиранија на машката контрола.

На прв поглед тоа изгледа така, меѓутоа има еден мал проблем – сосема се коси со реалните факти! Имено, серија анкети направени во САД (навистина, не ми се познати податоците за Македонија, но не гледам причина зошто тие би биле радикално поинакви) потврдуваат дека во приближно 64% од случаите на абортус, мажот бил тој што ја принудувал жената да абортира! Со други зборови, во огромното мнозинство ситуации жената, всушност, сакала да го задржи детето, меѓутоа несудениот „татко“ наместо неа решил таа да има абортус! Или да се послужиме се „про-избор“ терминологијата – жената веќе го направила својот избор (!) да го задржи плодот, но машката страна по пат на принуда ѝ го одзела тоа право. А како што покажуваат истражувањата, таа принуда може да се движи во распонот од непосредно физичко насилство до предвидливи емоционални уцени (од типот – „ако не абортираш, ќе те оставам“).

Свесен сум дека оваа појава претставува табу-тема за феминистичките застапници на абортусот, зашто ја урива целата нивна догматската конструција изградена врз ова прашање. (А исто така, кај овие „жени-борци“ се забележува една невообичаена молчаливост и недостаток од критичка мисла пред масовната појава во многу земји од светот да се абортираат речиси исклучиво женски деца!) Чудно е како тоа никогаш како предмет на дебата во врска со проблемот на абортусот не се појавува прашањето зошто мажите најчесто се јавуваат како иницијатори за извршување абортус (зарем не би требало да е обратно!?). Испаѓа дека (барем во две третини од случаите) абортусот се сведува на перфидно средство, со кое мажот на најпонижувачки начин зема контрола врз женското тело. Жалам, но изгледа дека фактите го покажуваат токму тоа! Од друга страна, феминистките веќе долг број години се научени да живеат во храбар нов свет каде на никакви факти не им е дозволено да се испречат пред добра теорија. Ми текнува во моментов како порано еден наш актерско-естраден мангуп се фалеше по медиуми дека „досега две девојки абортирале поради мене.“ Безмалку ме фаќа смеа кога ќе помислам дека по прашањето за абортусот, оваа „машка шовинстичка свиња“ и „поборниците за женско ослободување“ се во целосна согласност, или да се изразам малце посликовито, тие си склучиле брак од интерес. Навистина, пар од соништата!

Ѕвездата Водилка

Морам на крај да ви признаам дека сите мои приговори против легалноста на абортусот се кршат како чаша фрлена во ѕид пред единствениот „вистински аргумент“ што, за жал, го прави абортусот возможен. Кој е, значи, тој единствен реален „аргумент“ што го овозможува абортусот? Да не е случајно мислењето дека фетусот е дел од телото на мајката, или, пак, некоја апстрактна етичка конструкција околу тоа кое право има првенство во хиерархијата на вредности!? Не се залажувајте, тајната на абортусот, како и на многу други нешта, се крие во толку едноставната, обична, но истовремено длабока, недовидна и неосветлена човечка волја, која во случајов не го одбира доброто.Кога луѓето еднаш ќе решат да го прифатат абортусот за нормален, тоа не го сториле благодарение на некакви разумни убедувања, етички акробации или емоционални повици. Неистражената бездна на волјата изгледа му претходи и на разумот, и на разликувањето на доброто од злото, и на чувствата… Просто кажано, ним така им се сака. А им се сака затоа што веруваат дека нашле некој интерес во таа своја постапка. Затоа отворено можам да кажам дека абортусот не може да биде одбранет ниту на рационална основа, уште помалку, пак, на етичка или на чувствена!

Како што веќе реков, ќе завршам со приказ на оние „витези на абортусот“, кои не се плашат да ги изведат доследните консеквенци од својата апологија на оваа појава. За нивни претставник ќе го земам Австралискиот философ Питер Сингер (Peter Singer). Што, зарем не сте чуле за него? Па тој е последниот крик на постмодерната етика. За него со почит се зборува на сите катедри по Етика низ најугледните универзитети во светот. Тој е стрелата на прогресивизмот истрелана против небото. Тој не е просто херој на нашето време, тој е херој на времето кое уште не дошло. Што да ви кажам, душа од човек… По свое признание, тој честопати до една четвртина од својата заработувачка донира за разни добротворни и политички коректни каузи низ светот. Еве, вегетарјанец е, прочуен е по тоа што се залага и врз шимпанзата, горилите и орангутаните да се прошири концептот на човекови права (хмм, ама тогаш веќе не би биле човекови, туку мајмунски права…), се противи на убивањето на животни, па уште верува дека и луѓето треба да земат удел во животинското царство по пат на „слободни сексуални односи“ со животните. Каква New Age идила би бил светот кога тој би го замислувал, на која дури и старите хипици би ѝ завидувале и би се прашувале – „како нам не ни текна ова?“ Со други зборови, неговата еколошка свест е беспрекорна. Во однос, пак, на прашањето кое ние овде го обработуваме, тој е познат и уште по тоа што смета дека „правото на абортус“ треба малку да се прошири, имено, вакво какво што е сега како да е претесно… Имено, тој сосема доследно аргументира – штом веќе го оправдуваме абортусот под образложение дека фетусот сè уште не е свесно човечко суштество кое може независно да опстојува, во тој случај и за новороденото дете во првите месеци од животот важат истите чинители, па така, доколку родителите сакаат, ним треба да им се даде „правото“ по желба да го убиј…, пардон – „еутаназираат хумано“ своето бебе до приближно едногодишна возраст. А можете слободно да ги чуете и неговите сопствени зборови во врска со тоа…

Значи, на новинарско прашање:

  • „Дали вие би убиле хендикепирано бебе?“

Сингер одговара:

  • „Да, ако тоа е во најдобар интерес на бебето (!) и на семејството во целост. Многумина се шокирани од ова, а истите тие го поддржуваат правото на жената да изврши абортус.“

Да бидеш убиен во твој сопствен интерес! Навистина, од ваква хуманост застанува здивот. Но што да се расправам. По сè изгледа јас сум премногу заостанат и со рурално-патријархална свест за да ја разберам вавилонската урбаност и напредната мисла на Сингер и сите оние што како него мислат дека постоењето на својата среќа се темели врз непостоњето на сопствените деца.

И така, тоа се хероите на времето што доаѓа, кои водени од светлоносната ѕвезда водилка, итаат смело кон иднината, сè побрзо, повисоко, посилно…


 [D.B.1]и погоре стои Сангер

 [D.B.2]ова е точно интелигентен – интелигенција