Секојдневниот крст

Изгледа дека Бог не ја прима онаа жртва која ние сакаме да му ја принесеме, туку онаа која Тој ја бара од нас, а тоа е непрестајно да умираме – како што вели апостолот (Павле), секој ден да се погребуваме себе си. Притискајќи нè од сите страни против нашата волја, искушенијата нè туркаат нагоре, кон Бога, кон Небесното Царство. Нека му е слава и благодарност што нè закрепи да страдаме и така да се научиме да Го љубиме.

 Тука, повикувајќи се на светите Отци, накратко да го повторам, не само за тебе, туку и за себе, и за сите нас, она што го ветивме на монашењето. Во чинот на монашењето, помеѓу другото, се вели: Над сето тоа, имај ги секогаш, во твојот ум, спасоносните страдања и живототворната смрт на нашиот Господ Исус Христос, кои тој доброволно ги претрпе, заради нашето спасение, за и ти да можеш сите неволји и маки на монашкиот подвиг, радосно да  ги поднесеш заради Него. Значи, биди борбен во сè, пострадај како добар војник на Господа Христа, Кој, иако самиот Господ и Бог наш, бивајќи богат во милоста, заради нас осиромаши за да може ние во себе да се збогатиме со Неговото Царство. Треба значи и ние да станеме Негови подражавачи и заради Него да поднесеме сè, напредувајќи во Неговите заповеди дење и ноќе. Бидејќи самиот Господ рече: ,,Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе и нека го земе својот крст и нека оди по мене“, што значи: да се биде секогаш готов, по цена на животот, на секое исполнување на Неговите заповеди. Бидејќи ќе треба и да гладуваш и да жеднееш, и да мизеруваш, и да бидеш навредуван, исмеван и гонет, и да бидеш изложен на многу други неволји кои го одликуваат животот во Бога. И кога сето тоа ќе го претрпиш, радувај се, вели Господ, бидејќи твојата награда е голема на Небесата во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому слава навек. Амин. После тоа, и тебе и мене повторно ни е поставено прашањето: Дали сето ова го исповедаш со надеж во Божјата моќ, и дали веруваш дека во ова ќе истраеш до крајот на животот, по благодатта Христова? И ти и јас сме го дале следниов одговор: Да, со Божја помош, чесен оче. Дадовме завет, како што се гледа од погоре наведените зборови, но, бидејќи тоа одамна се одиграло, заборавивме на она што сме го ветиле. Сега, кога ни се случува она што требаше да го очекуваме, се чудиме и велиме: „Од каде сега ова?“ И уште, по својата слабост ги критикуваме оние кои, во реалност, се нашите добротвори, бидејќи, фрлајќи нè во ова искушение, всушност ни ги отворија духовните очи и ни помогнаа да сфатиме колку сме далеку од вистинскиот пат кој ветивме дека ќе го одиме. Сето тоа говори дека сме се залажувале: сме живееле во тиња и сега, кога другите сакаа да нè извадат од неа, ние почнавме да се противиме, бидејќи се навикнавме на барата.

Јас во ќелијата врамив картон со неколку поуки кои се однесуваат токму на ова што се случува околу нас во дваесеттиот век. Тоа го направив за непрестајно да се потсетувам на она што ме очекува и во што се состои животот во Бога.

Еве што велат:

Вие сте тие што останавте со мене во моите напасти, вели Господ во Евангелието според Лука. Во истото Евангелие вели: Со трпение спасувајте си ги душите.

Блажен е оној човек што поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот, што Господ го ветил на оние што го сакаат (Јаковово послание).

Преку многу неволји ни претстои да влеземе во Божјото царство (Дела апостолски).

Да се удостоите на Небесното царство, за кое и страдате (Второ послание до Солуњаните).

Не плаши се од ништо од што ќе пострадаш. Гледај, ѓаволот некои од вас ќе ги става во темница за да се искушате. Биди верен до самата смрт и ќе ти дадам венец на животот (Откровение).

Што е поубаво, кажи ми, од душа која страда со сознание дека поднесувајќи ги маките, ќе ја наследи целата радост?– вели свети Симеон Нов Богослов.

Трпејќи овде малку бол, ќе ги избегнеме таму големите маки (свети Јован Постник).

Страдањата на сегашните времиња не се вредно патење, во споредба со славата која ќе ни се открие (Евагриј Понтиски).

Затоа, ги намразија светителите на овој свет, знаејќи какви добра ќе наследат. Според тоа, кој е спокоен во овој свет, нека не се надева дека ќе добие вечен покој, бидејќи Небесното Царство не е за оние кои овде одмараат, туку за оние кои во многу скрб и тешкотии го проживеаја овој живот. Не го добија за џабе оние кои го стекнаа, туку го здобија со големи напори и благороден труд и пот, оние кои на тоа се удостоија. Нив не ги интересира колку напори ќе мораат да вложат овде на земјата, бидејќи влегувајќи таму, забораваат на болките и маките кои ги претрпеа во овој суетен свет; а ги забораваат поради големиот и неискажан спокој кој им е даден (свети Атанасиј Велики).

Преку болката на подвигот преминавте во безболно упокоение – светители, вие кои се удостојувате на неискажлива радост – се вели во Октоихот на првиот глас на утрената.

Никој нека не бара готово и угодно, но нека претрпи сега тешкотија и тага, за да може да ја наследи ширината на Божјото царство – вели свети Јован Ликополски.

И последниот цитат на тој картон е од мојот омилен светител, свети Ефрем Сирин, кој вели: Болувај со доброволен бол, за да можеш да ја избегнеш маката на залудните болки…

Немој сето ова погрешно да го сфатиш, како јас да сакам да кажам: ,,Крени раце од сè и предај се! Не барај го она што е Божјо и не се бори за она што е корисно за нашата душа!“ Не, напротив! Должни сме да ја кажеме и да ја посведочиме вистината, да се бориме за неа, бидејќи како што ми рече старец Пајсиј: ,,Православната Црква секоја своја победа ја запечатила со крв.“

Доколку повеќе се сепнуваме со искушенијата, дотолку сме поболни, бидејќи суштината на христијанството, а особено на нашиот монашки подвиг, не сме го разбрале. Ете, Бог е полн со љубов, со цел да нè вразуми и да нè исправи преку страдање, ни покажува во што е вистинското последување на Божјиот пат: значи, во непрестајното носење на својот крст.

Да се радуваме што Бог нè изведе на патот на страдањето и ни даде шанса да му се уподобиме.

Патот Господов е секојдневниот крст и неможно е да го одбегнеме, без разлика колку човек го сака тоа.

Досега си поимала дека треба преку многу неволји да влеземе во Небесното Царство, а сега сакам тоа да го усвоиш со срцето и да не сакаш ништо на овој свет освен Господа. А, кога ќе си го поставиш за цел само Господ, тогаш дури и секој твој чекор да биде газење по трња, ќе бидеш задоволна во својата душа.

Се сеќавам кога во една прилика бев кај старец Пајсиј, ми постави чудно прашање. Рече: ,,Кажи ми, зошто светителите одеа во идолски места познати по тоа дека во нив престојуваа ѓаволи? Таму каде што тие одеа и се населуваа, другите не смееја ниту да поминат. Зошто баш таму?“ – Јас му велам: ,,Па мислам, за да можат тие места да ги очистат од демоните.“ Тој ми вели: ,,Да, но има и една друга причина.“ – Реков: ,,Не ја знам таа причина.“  – ,,Ја знаеш“- ми вели старецот, ,,кога човек живее без искушенија, без потреси, без проблеми, тој се опушта. Светителите тоа го знаеја и со цел да ја одржат бодроста на духот и да ја зајакнат молитвата, намерно одеа во тие, од страна на ѓаволот населени места, бидејќи знаеја дека ѓаволот ќе ги напаѓа и дека ќе мораат да се бранат, крваво да се бранат за да одолеат на сите искушенија.“ – Ете, тоа е објаснувањето на еден Светогорец, наш современик, кое ни помага сами да видиме каде сме и колку сме далеку од она вистинското.

Страдањето е лек за секоја страст.

Страдањата од било кој вид, се знак на особена милост и Божја промисла за човекот.

Треба да се разликува Божјата волја (благоволение) од Божјото допуштение. Божјата волја се пројавува на оној кој себе си се принел на Бога како чист сад. Од друга страна, кога човекот упорно оди по свое, Бог допушта да му се случи нешто што најлесно ќе го приведе кон покајание. На пример, некој се труди во пост, молитва, но Бог допушта да го нападне блудна помисла, за тој да ја увиди својата гордост и падната состојба.

Ние всушност, сите тешкотии во животот, ги гледаме како искушенија, но може да сè каже дека тие се дар од горе. Нам ни се дава можност да ја потврдиме својата љубов кон Бога преку одрекувања од барањата, од болното себеугодување.

Треба да Му благодариме на Бога за искушенијата, бидејќи тие можат да ни помогнат уште повеќе да се соединиме cо Него, ако кон нив правилно се поставиме. Бидејќи, што значи цел живот да бидеме во нирвана и со скрстени раце да изговараме: ,,Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешната“? Каков труд ние тука вложуваме? Тоа што непрестајно го движиме јазикот? Тоа ли? Нема ништо од тоа! Потребно е некој да нè потчукне од лево, па малку од десно, за да се доближиме до Бога,  во Чии раце се: нашето здравје, нашата болест и нашата среќа.

Бог, како Оној Кој промислува за сите нас, знае што му треба на секој од нас за духовна корист, па тоа и ни го праќа. Во Евангелието се вели дека ниту влакно од главата нема да падне без Негово знаење и промисла, а дури пак да се случи и нешто повеќе од тоа.

Значи, знаејќи дека не сме лишени од Божјата промисла, да го прифатиме со радост сето тоа што нè снаоѓа и што може да нè снајде. Доброто го примивме од Бога, а злото зарем нема?- вели праведниот Јов.

За светата Сара Египќанка се вели дека за десет години (ако добро се сеќавам од житието), колку што имала телесна борба, никогаш не се помолила на Господа: ,,Господи, земи го од мене ова искушение“, туку само се молела: ,,Господи дај ми сили да истраам докрај!“ – Знаела дека тоа искушение не наишло на неа без знаење и Божја промисла. Според тоа, ако дошло од Господа, и со Негово знаење и допуштение, тогаш сме должни да го прифатиме и да го носиме додека на Господ не му биде угодно да го земи од нас.

Барајќи од Бога да нè избави од искушенијата, ние не се препуштаме на Неговата волја, туку покажуваме дека сме сигурни оти за нас е добро она што ние го бараме, упорно сакајќи да го истераме своето. Тоа сведочи дека во нас живее самољубието и ориентираноста на живот кон блаженство, без труд.

Не мисли за тоа што ќе биде денес, утре, задутре. Бог нека прави со нас она што Тој сака: ,,Ако на Бог му е угодно моето страдање, зошто би се противел на тоа?“ – Нека нè фрла, удира, милува, само нека биде она што Он смета дека е добро.

Од нашиот денешен разговор, гледам дека безмалку очајуваш што борбата со страста на гневот не оди толку лесно и успешно. Веќе ти објаснив да не очекуваш брз исход. Преку искушението, јакнеме во молитвата, која е бесценето богатство. Токму заради тоа Бог и одложува да нè ослободи од искушението.

Да не го заборавиме апостолското: Бидете… трпеливи во неволјата. А како инаку би се покажала нашата љубов и преданост кон Бога, ако не преку неволјите и искушенијата. За кој Бог ние трпиме, ако не заради Оној Кој прв за нас трпеше, покажувајќи љубов кон нас – земјата и правот. Да се восхитиме и да се ужаснеме на тоа!

Искушенијата треба да ги дочекуваме со раширени раце и тоа оние најтешките, бидејќи тука се покажува какви сме и колку сме спремни да се даваме на Бога.

Нашите слабости, дете, никогаш така не доаѓаат до израз како во моментите на искушение. Се сеќаваш што вели на тоа свети Ефрем Сирин: дека достојноста на монахот се покажува во искушенијата.

Секој полага, на свој начин, не само испит на верност кон Бога, туку и покажува како го сфатил монаштвото и, воопшто, патот по Бога, кој е цел трновит и, како што кажа еден подвижник: толку е тесен, што на него двајца не можат да се разминат.

Бог ја тестира цврстината на нашата волја да Му служиме, да ги отфрламе телесните маки, да не се навраќаме на напорот и трудот без разлика за каков вид се работи. Кога Бог ќе се увери во нашата одлучност да Му служиме, тогаш најочигледно и ќе ни помага.

Бог нè повикува на борба, но не за да бидеме поразени, туку да излеземе како победници. Колку што нападот е појак, толку и нашиот труд, нашата одбрана, мора да биде појака.

Заради нашите гревови, Бог ни допушта неволји и болести, со цел, сфаќајќи дека сме минливи, во Него, Вечниот и Неминлив, да го побараме своето спасение и осмислување на животот.

Ние се определуваме за монаштво за да можеме повеќе да живееме со Бога. Господ нема никогаш да ни испрати толкаво искушение за тоа во нас да го задуши таквото настроение. Благодатта се одзема од две причини: заради утврдување, и ако направиме некој голем грев.

Господ знае кој колкав товар може да понесе, па толку и го товари на грбот… И кога ни е тешко, да повикаме кон Бога: ,,Господи, помогни ми“, а Господ ќе влее радост во срцето и со тоа ќе ни даде сили за тој товар, таа мака, неволја, полесно да ја кренеме и да ја понесеме.

Речено е во Светото Писмо: Не се раѓа човек на радост, туку… на неволја. Но, Господ, по својата голема милост, кога ќе ни изнемошти телото и веќе ќе дојде до крајот – ,,до Амин“, како што велат Светогорците, ќе ни испрати или некоја внатрешна радост или некој преку кого можеме да се укрепиме, со цел тоа да ни биде за духовно освежување.

Да имаме доверба во Бога: Тој не е неправеден, па да нè фрли во некоја неволја која духовно не ни користи, а нема ниту да дозволи да бидеме во искушенија подолго отколку што можеме да поднесеме.

Препушти се на Бога дете, и немој безмерно да се грижиш заради неразбирање од страна на овој или оној. Се молиме на Бога за вразумување и просветлување, да го имаме на ум она од Делата апостолски: Бидејќи ако биде од луѓето оваа намисла или ова дело, ќе пропадне; но ако е од Бога не можете да го уништите.

Во почетокот, човекот бива искушуван од неговите страсти, а подоцна, кога ќе се утврди во доброто, ѓаволот започнува да го искушува. Бидејќи, тој не го искушува оној кој веќе паднал, туку оној кој стои, кој ревнува во доброто. Човекот самиот на себе може да си направи повеќе проблеми отколку самиот ѓавол, ако соработува со него.

Лукавиот нè искушува особено кога сме одлучиле да се очистиме од гревот и својот живот да го посветиме на Бога.

Знаеме дека ѓаволот не гледа на годините, туку само своето дело да го спроведе како што сака. Значи, да ја уништи човековата душа.

Објаснувајќи го опширно сето ова, сакам да сфатиш колкави се препреденоста и лукавството на нашите непријатели кои сакаат и на овој начин да нè оттргнат од вистинскиот пат, а со самото тоа да нè оддалечат од Бога.

Штом ѓаволот ќе успее да нè однесе на теренот на разумското мудрување, веќе сме незаштитени и неговите стрели лесно нè погодуваат.

Големите искушенија не доаѓаат одеднаш. Тие се последица на низа помали гревови, кога човек ќе се навикне на половично давање, т.е., да прави компромиси.

Не се стигнува одеднаш од небото до пеколот,  туку постепено – скала по скала.

Ако не се смириш, Бог ќе допушти да паднеш во сите гревови во кои може да падне монах во манастир, да се спуштиш толку ниско, што не можеш ниту да замислиш.

Од вашите писма гледам дека, му благодарам на Бога, сите се добро. Се надевам дека тоа нема да им биде замка, повод за да се опуштат и така неспремни да влезат во искушенијата кои претстојат. Бидејќи, затишјето, иако таа состојба на сите најмногу ни одговара, не е добар знак. Еве што вели за тоа преподобниот Исак Сирин, ако веќе порано не го цитирав во некое писмо: Доблеста без искушенија е погибел за оние кои ја примаат. На друго место истиот светител вели: Кој пребива без тешкотии во својата доблест, нему му се отворени вратите на гордоста. Затоа, секогаш треба да сме на штрек, бидејќи ѓаволот, како лав што рика… бара некого да изеде.

Да не дозволиме зависта и ѓаволското сплеткарење да направат од нас буниште и ѓубриште на гревот и на секој начин да нè раслабат.

Ѓаволот ја користи твојата пречувствителност и слободоумие. Да не те познавам од порано би рекол: ,,Што е ова? Со кого всушност си имаме работа?“

Не прифаќај ги ѓаволските предлози како свои. Старец Пајсиј вели: ,,Јас сум грешен тогаш кога јас сакам, а не кога сакаш ти, ѓаволу.“

Сè зависи од добрите или лоши помисли, целото спасение зависи од тоа.

Се случува човек да стапи во контакт со лица од спротивниот пол и да не доживее никакви движења на страстите. Бидејќи ѓаволот знае дека ние се чуваме од тие најгруби гревови, ни праќа друг демон кој вели: ,,Гледаш, кај тебе сè е во ред“ – тоа кај нас ќе развие самодоверба и човек ќе мисли дека победил. На ѓаволот, во суштина, сеедно му е на која страст ќе бидеме подложени, само да сме во неговите раце.

Нема живот без помисли. Дошла помисла, па што? Важно е дали сум ја прифатил. Ѓаволот секогаш ќе ни прави замки, или да нè спречи да направиме нешто добро, или за да нè поткраде.

Без разлика што ни дошепнува ѓаволот, ние ќе му благодариме на Бога, што ни даде слободен ум да можеме, кога тоа го сакаме, да се оттргнеме од некорисното размислување.

Да се верува на помислите е неверојатно опасно, може да го уништи човекот.

Можно е, навистина, човекот да полуди ако дозволи целиот кошмар на мислите и размислувањата да врие во него, претворувајќи се во чувство.

Не допуштај му на умот да разговара со помислите, бидејќи, како што вели старец Пајсиј: ,,и сите адвокати на овој свет не би можеле да излезат на крај со едно ѓаволче“.

Каде што има помисли што се повторуваат, таму има и согласувања.

Дали ќе дојде оваа или онаа помисла, не зависи од мене; но, сигурно од мене зависи дали, и во која мера, да се согласам со неа.

Секоја помисла, која не е за Бога, отфрлај ја, оттурнувајќи ја со гнев и омраза кон гревот. Мораш да бидеш поостроумна, побрзо да реагираш и да задаваш удар на непријателот. Ако не се однесуваш со гнев кон помислите, тогаш на гревот ќе гледаш со желба.

Ти не умееш во доволна мера да се бориш со помислите. Мислите кои наидуваат ги пушташ да влезат во тебе, да создадат хаос и да те вознемират, па дури кога ќе почувствуваш немир, да реагираш и да се обидеш да се ослободиш од нив. Но, потоа не е лесно, бидејќи тие веќе се вгнездиле во тебе и создале погодна почва за нив, а тогаш поткопуваат, поткопуваат и мачат.

 Да се пушти во себе помислата, а потоа да се бори со неа, тоа е особина само на духовно јаките, но за тебе и за мене, тоа не е препорачливо. Тука навистина човек треба да биде спремен како пушка, како што вели свети Игнатиј Брјанчанинов, секој момент да ,,пука“ на ѓаволот и на сите негови замки.

Колку што небото е далеку од земјата, толку оној што лови помисли е далеку од оној кој ги отфрла. Ако ловиме помисли, значи дека себе си припишуваме големина на оние кои напредувале во верата.

Ти реков помалку да размислуваш и да не дозволуваш такви мисли да те влечат таму каде што тие сакаат, туку истргни се од нив како да се валкани и нечисти. Бидејќи, ќе почнеш со најобични помисли, а ќе завршиш со најлоши.

Мислата дека нема да се спасиме е чисто ѓаволска. Свети Григориј Палама вели дека и самиот факт што Бог нè држи во живот, значи дека Бог го прима и нашето покајание.

Хулните мисли најчесто се последица на гордоста, на недостатокот на самопрекорување.

Молитвата е пат на борбата против помислите. Секогаш повикувај кон Бога, моли се. Ако пребиваш во таква состојба, ѓаволот ќе побегне, бидејќи не сака да биде ,,бесплатен работник“.

Осветувајќи го срцето со молитва, човекот ги одбива помислите.

Една жена му се молела на св. Георгиј да ја спаси од змијата. Тој ѝ се јавил и ѝ рекол: ,,Да, а моето кандило е изгаснато!“ – Таа заборавила на змијата и отишла во црквата да го запали кандилото, па не било ниту потребно св. Георгиј да ја избави од змијата. Така и ти – држи се до молитвата, а заборави на помислите.

Сигурно дека, кога ќе наидат искушенијата, човек ништо не гледа освен темнина и само темнина, но тие демонски напади можеме да ги искористиме на свое добро, на плетење венец на нашата душа пред Господа.

Со време, кога чувството ќе се изостри, секој ѓаволски напад во суштина ќе ни носи нови венци, бидејќи со своите искушенија и со своите напади ѓаволот едноставно ќе нè турка во Божјата прегратка. Тој напаѓа, а ние се бориме и прибегнуваме кон Бога, а преку тоа се вежбаме во трпение и молитва кон Бог како наше прибежиште од сите неволји.

превод од српски јазик:
јеромонах Мојсеј (Тодоровски)
од:
На Божанској стражи
Поуке Архимандрита Пајсија Хиландарца
Манастир Св. Првомученика и Архиђакона Стефана, Врање, 2013