Евхаристијата и Црквата

Евхаристијата како пројава на Црквата

Врз основа на сведоштвата од Светото Писмо на Новиот Завет, како и постновозаветните документи, Црквата е евхаристиска заедница[1]. Зборувајќи за Црквата, светиот апостол Павле под тоа подразбира литургиско, евхаристиско собрание на Христијаните на едно место. Пишувајќи им на Коринтјаните, тој помеѓу другото вели: „кога се собирате во црквата, слушам дека постојат поделби меѓу вас…“ (1Кор. 11, 18). Значи, апостол Павле под Црква подразбира собрание, т.е. евхаристиско собрание на верниците од еден град или едно место кое се нарекува Црква. Бидејќи Црквата во раната историја пред сè се собирала на Евхаристија и заради Евхаристијата. Исто сфаќање за Црквата имаат и подоцнежните свети отци како што се: свети Игнатиј Богоносец[2], Јустин маченик, св. Максим Исповедник[3], св. Никола Кавасила и други. Свети Никола Кавасила дословно вели: „Црквата се пројавува во тајните“.[4]

Христијанската свест, значи, од почетокот ја поистоветувала Црквата со Евхаристијата. Православните верници и денес тоа го прават. Кога некој ќе каже дека оди в Црква, под тоа подразбира пред сè дека оди на Литургија, на Евхаристија.

Оттука, ни малку не е случајно дека порано кај сите христијански народи, а меѓу православните и до ден денешен,  се употребува едно исто име за храм и за Црква[5]. Затоа што храмот е место во кое се собира Црквата, т.е. сите Христијани од едно место, заради служење, пред сè света Евхаристија. Овој, на прв поглед безначаен факт, укажува на тоа дека Црквата се идентификува со Евхаристијата, а не со апстрактната, универзалната заедница како што Црквата ја разбираат римокатолиците, па така член на Црквата е секој којшто е крстен и кој живее исполнувајќи ги етичките норми, без обѕир што не доаѓа на евхаристиското собрание, или, пак, секој којшто со својот живот го подражава Христос во однос на Неговата морална и социјална дејност, грижа за гладните, болните, итн., како  што за Црквата размислуваат протестантите. Ако го имаме во вид, покрај останатите и фактот дека во свеста на православните Христијани до ден денешен се задржало мислењето дека во Црквата сè се прави во однос на Евхаристијата и во однос на причестувањето, како што е на пример постот, и дека Евхаристијата е круна на христијанскиот живот, јасно е дека постоењето на Црквата, односно припадноста на човекот во Црквата, се пројавува пред сè на евхаристиската служба т.е. на Светата Литургија.

Од друга страна, самата структура на црквите, како кај православните така и кај римокатолиците порано, секогаш ја имала литургиската форма. Овде мислиме и на Црквата како заедница и на црквата како градба. Црквата е јерархиска заедница, која произлегува од Евхаристијата и се пројавува пред сè во однос на Евхаристијата и на самата Евхаристија. Јерархиското устројство на Црквата: епископ, свештенство и народ Божји, потекнува од Евхаристијата и во Евхаристијата се пројавува. Црквата како градба, исто така, зависи од Евхаристијата. Нејзината архитектонска позиција, свртена од запад кон исток, како и самата нејзина поделба на олтар, кораб и припрата, повеќе од убедливо укажува, не само на Литургијата заради која е градена, туку и на структурата на самата Света Литургија, врз основа на која што е конструиран и храмот. Таа структура на Евхаристијата е следна: епископ, свештенство и народ коишто се свртени кон исток во благодарност и молитва кон Бога (т.е. во Евхаристија бидејќи грчкиот збор ευχαριστία значи благодарност).

Ако го имаме во вид сведочењето на свети Никола Кавасила, коешто го наведовме, дека Црквата се пројавува во тајните, дали изразот „во тајните“ (множина) укажува можеби дека Црквата во времето на Кавасила се поистоветувала со сите свети тајни, а не само со Евхаристијата?

Оваа недоумица дали Црквата се поистоветува со Евхаристијатаи со другите тајни, ја предизвикала схоластичката теологија. Оваа теологија создала свест кај Христијаните за седум свети тајни и Евхаристијата ја прикажала како една од нив. Схоластичкиот пристап кон тајната на спасението, а тој пристап е аналитички, ја расчленило, ја поделило едната Тајна Христова на многу одделни делови, односно тајни коишто со време станале неспоиви една со друга. Така настанале многу тајни. Тоа се: Евхаристија, Крштение, Миропомазание, Ракополагање, Елеоосветување, Брак и Исповед. Така Евхаристијата станала една од многуте тајни еднакви меѓу себе. И не само седум свети тајни во богослужението, туку и во теологијата настанале многу теолошки области исто така, како плод на схоластичкиот пристап на спасението, како што се: христологија, пневматологија, еклисиологија, тријадологија, сотирологија, кои што денес се неспоиви меѓусебно и затоа предизвикуваат многу проблеми во теологијата. Кога ова схоластичко видување на спасението влегло и во православната теологија, последица од тоа било тоа што ниту кај православните богослови на Црквата повеќе не можела да се поистовети со евхаристиското собрание.

Во раната Црква, меѓутоа, како и во свеста на православните Христијани, барем до XIV век (за што сведочат наведените писатели сè до Никола Кавасила), постоела само една тајна, а тоа е Евхаристијата или Тајната Христова. Поточно сите Тајни биле споени со Евхаристијата. Сè што се чинело во Црквата, се чинело во Евхаристијатаи за Евхаристијата.[6] Согласно на тоа, наведените зборови на свети Никола Кавасила, под изразот „во тајните“ не подразбираат седум свети тајни, како што за жал денес се говори за тајните, туку под тајни ја подразбираат Литургијата – евхаристиското собрание. Евхаристијата сама по себе е збир и единство на многу тајни, или поточно таа е сетајна на нашето спасение во Христа. Во прилог на ова тврдење говорат и самите евхаристиски молитви во коишто зборот тајна се употребува во множина, што значи дека Евхаристијата сама по себе е збир на многу свети тајни. На тоа укажува и ектенијата која се произнесува на крајот од Евхаристијата: „Примајќи ги божествените, свети…, бесмртни, страшни Христови Тајни…“ (Литургија на свети Јован Златоуст).

Наведените сведоштва ни даваат за право да заклучиме дека идентитетот на Црквата, според православното сфаќање треба да се бара во Светата Литургија. Црквата, како народ Божји, како тело Христово од почетокот се пројавувала себеси собрана околу еден началник, како околу Христа и заради еден настан, на едно место: на Литургија (спореди: Дела. 2, 1.41- 47).

Една од причините што денес под Црква се подразбира еден апстрактен поим, а не конкретна евхаристиска заедница, е токму ова име за Црквата коешто погрешно се разбира. Бидејќи под Тело Христово обично се подразбира, или апстрактна невидлива заедница, или една индивидуа, индивидуалното Тело на Исус Христос, а не евхаристиската заедница. Врз основа на 1Кор. 12 заклучуваме, меѓутоа, дека апостолот Павле под Тело Христово подразбира евхаристиска заедница на многуте со Христос, Којшто е глава на таа заедница и сигурност на нејзиното единство. Евхаристијата ја сочинуваат многу луѓе со различни служби. Но сите тие прават едно тело, налик на многу делови коишто го сочинуваат човечкото тело, бидејќи одвоено престануваат да постојат. Евхаристиската заедница е видливо Тело Христово.

За светоста на Црквата.

Сите членови на Евхаристијата добиваат свој идентитет од Христа, со Којшто се во заедница. Како што едно индивидуално тело на некој човек добива свој идентитет од личноста на која припаѓа. Бидејќи, кога укажуваме на едно тело, секогаш велиме дека тоа тело е на една конкретна личност, а не дека е на тој човек, Марко, Петар итн. Така евхаристиското собрание на многуте е Тело на Личноста Христова, на Синот Божји.[7]

Личноста како што веќе рековме е израз на заедницата во слободата, и љубовта со друга личност. Христос е личност, т.е. Син Божји, во однос на слободата и љубовта со Бога Отца. Дека евхаристиската заедница е многу членови соединети во личноста Христова, Синот Божји и дека сите членови сочинуваат тело на таа личност, укажува и самата Евхаристија, која ја изразува заедницата со Бога Отца. Затоа што, Евхаристијата е молитва, дијалог на нејзините членови, преку началникот на таа заедница со Бога Отца, што укажува дека оној кој се моли е Синот Божји. Целокупната заедница во Евхаристијата е свртена кон Бога Отца и сè што има да моли, од Бога Отца моли и од Него прима. Оваа слободна, лична поврзаност на членовите на Евхаристијата со Бога Отца преку еден прв, преку епископот како Христос, имајќи предвид дека сите членови на Евхаристијата се тоа по својата слобода, ја пројавува Евхаристијата, чијашто личност е Синот Божји, Христос, а таа Тело Негово. Сите членови го сочинуваат телото на личноста на Синот Божји, Телото Христово. Евхаристиската заедница е Тело на Синот Божји, т.е. таа е Христос бидејќи Евхаристијата ја конституира Светиот Дух. Таму каде што е Духот, таму е и Христос, односно таму е евхаристиската заедница.

Секако, членовите на Евхаристијата, соединети во Христа, не се губат како личности, не стануваат безлични тела во едното Тело Христово, туку и тие стануваат синови Божји. Со други зборови, членовите на Евхаристијата се поистоветуваат со Христос како личности преку слободно потчинување на Христа, со посредство на Духот, Којшто ги воведува во личносна заедница со Бога Отца и на тој начин постануваат синови Божји.

За да го подвлече значењето на единството на евхаристистиската заедница за секој нејзин член одделно, апостол Павле ја споредува со тело во кое има многу органи. Тие органи се различни меѓу себе, но сите заедно го чинат телото кое што им дава личносно постоење, како што телото му дава на секој орган постоење. Аналогно на ова, и евхаристиската заедница е заедница на многу различни служби, т.е. личности кои се носители на тие служби, коишто, пак, ги дарувал Духот Свети, и сите тие постојат и се конкретни личности во заедницата со Христа на кои им дава постоење.[8] Тоа не значи, меѓутоа, дека било која служба во евхаристиската заедница, т.е. било кој нејзин член може да постои сам за себе без заедница со другите служби. Затоа што сите служби ги соединува Христос, Којшто и им дава постоење. Помеѓу членовите на евхаристиската заедница нема поголеми, ниту помали, што евентуално би можело да постои ако постоењето на членовите и нивната важност би се мерела со нив самите и со нивните својства, затоа што сите своето постоење го должат на заедницата со Христос, т.е на Христа.

Од оваа констатација произлегува дека Црквата како Тело Христиово е света. Затоа што Христос е свет. Апостолот Павле во своите посланија до Христијаните, ги нарекува свети имајќи го во вид нивното единство со Христа во Евхаристијата. Членовите на Црквата не стануваат свети врз основа на своето морално однесување и подвигот со кој се уподобуваат на Христа како своја глава следејќи Го на патот кон Царството Божјо, туку преку соединувањето со Него. Тоа соединување е дар на Духот со којшто Тој ја гради евхаристиската заедница. Со оглед на тоа дека Христос во Евхаристијата се поистоветува со нејзините членови (спореди: Мт. 25, 40; Дела. 9,5), преку ова поистоветување кое што го твори Светиот Дух, тие стануваат свети. Секако, соединувањето на Христијаните со Христос не го исклучува подвигот. Подвигот на човекот се состои во тоа што тој слободно се одрекува од себе за Духот Свети да го соедини со Христос. Заедницата на човекот со Христа, меѓутоа, не е статична, не е дадена еднаш засекогаш, туку како Евхаристија, се одржува постојано преку собирањето и единството на нејзините членови. Бидејќи, Евхаристијата не е институција, туку настан на слободното заедничарење на луѓето коишто ги дарува Духот. Оттука подвигот подразбира, не индивидуално усовршување на човекот преку исполнување на етички норми и закони, туку постојан напор на одржување на евхаристиската заедница. Секако, ова може да се разбере единствено ако претпоставиме дека Христос се поистоветува со членовите на Евхаристијата и дека личносното единство со Христос е извор на нашето постоење.

Во случај Црквата да се гледа како заедница којашто е одвоена од Христа како нејзина глава, тогаш таа е заедница на грешни луѓе коишто стануваат свети врз основа на својот индивидуален подвиг. Во спротивно, гледањето на Црквата како неодвоива од Христа Којшто Ѝ дава постоење и идентитет, не само што допушта да се говори за тоа дека нејзините членови се свети сè додека се во евхаристиската заедница, туку светоста на Црквата е прва и основна нејзина карактеристика. Ако Црквата не е света, тогаш таа и не постои. Оттука исповедањето на верата во Црквата дека таа е Една, Света – апсолутно е во согласност со нејзиното битие.

Евхаристијата е есхатолошка заедница, затоа што е собрание на сите верни на едно место околу еден началник, т.е. околу епископот како околу Христа, која што ја гради Духот Свети. Бидејќи, есхатонот укажува  на собрание на народот Божји на едно место околу Христа. Есхатолошкиот идентитет на Црквата укажува на тоа дека последниот настан, сеопштото воскресение во Христа, ќе Ѝ даде вистинско постоење на Црквата. Во овој контекст гледано, светоста се поистоветува со вечното постоење, а не со етичкиот карактер. Светоста на Црквата е онтолошки поим, а не етички. Да се биде свет значи вечно да се постои во заедницата со Христос. А тоа ќе се оствари единствено во последниот настан, доаѓањето на Царството Божјо, и победата на животот над смртта во него. Сега и овде во историјата, светост значи припадност во Евхаристијата, т.е. таков начин на живот којшто создава Евхаристија преку личносната заедница на човекот со нејзините членови, преку делувањето на Светиот Дух.[9]

Тоа што апостол Павле ни зборува за старозаветните праведници и светители, укажува на тоа дека светителството се врзува за есхатонот. Поточно, старозаветните праведници се праведници затоа што верувале во доаѓањето на Месијата, Христос и во согласност со таа вера и живееле (спореди: Послание до Евреите). Со појавувањето на Месијата нивната праведност се отелотворила. Тоа значи од една страна дека последниот настан, т.е. Христос и единството со Него е единствен извор на светоста, додека од друга страна верата во Христа и единството со Него и сообразниот живот на таа вера ги прави старозаветните праведници, праведници и пред појавата на Христос. Но, не во реален, туку во иконичен вид. Кога Христос повторно ќе дојде и кога ќе се случи воскресението на мртвите, тогаш старозаветните праведници и сите праведници ќе се покажат како вистински праведници.

Ист е случајот и со новозаветните праведници. Тие се свети во контекст на верата во Христа и воскресението во Него, што подразбира есхатон, т.е. Второто Христово доаѓање и воскресението од мртвите, односно вечниот живот во него. Сообразниот живот на оваа вера којшто, пред сè е Евхаристија, ги прави луѓето свети и пред тоа реално да се покаже преку последнион настан, воскресението на мртвите. Оттука сите оние коишто биле и останале членови на евхаристиската заедница во Новиот Завет, се нарекуваат свети. И мачениците коишто пострадале за Христа се свети, бидејќи ја оствариле заедницата со Христа, но ќе се покажат навистина светители дури во последниот настан: Второто Христово доаѓање и воскреснувањето од мртвите. Тоа значи дека светоста извира од заедницата со Христа.

Значи, јасно е дека светоста е онтолошка категорија, а не етичка. Се однесува на надминувањето на смртта и вечниот живот во Христа. Сегашната заедница на човекот со Бога во Христа, т.е Црквата, евхаристиската заедница, е пројава на светите и светоста како икона на идната, вечна заедница на светите.

Некои свети отци зборувале за вечноста на Црквата.[10] Ова може да се разбере само ако се има во вид нејзиниот есхатолошки карактер. Есхатолошката реалност на Црквата би можела најкратко да се опише како заедница на сè створено со Христос. Бог создавајќи го светот посакал тој да стане Црква и така да живее вечно. Свети Максим ја поистоветува Црквата со Христа, т.е. со Телото Христово и за тоа зборува како за предзамислена цел на творбата. По Неговите зборови: „не мислам, значи, дека е потребно друго сведоштво… за да се покаже вистината… јасно познавајќи преку неа дека сме членови и тело и полнота на оној којшто сè исполнува со себе -Христос Бог, заради тоа што согласно уште пред вековите, според сокриената цел во Бога и Отца сме возглавени во Него преку Неговиот син Господ Исус Христос“.[11] Очигледно е дека свети Максим гледа на постоењето на човекот и на созданието преку Христос, преку Црквата и тоа како есхатолошки настан. Истата перспектива на гледање на созданието ја имал и Мојсеј кога по создавањето на природата и човекот забележал: „и виде Бог дека сè што створи е добро“ (1. Мој.1, 31). Бидејќи Бог сè створил во својот Син и сè гледа преку Синот и во Синот и затоа сè е добро што е во заедница и што ќе биде во заедница со Него. Црквата е заедница на човекот и останатите создадени битија со Бога во Христа. Црквата е настан на иднината. Таа се открива преку Духот Свети, уште на почетокот на историјата и во Стариот Завет. Старозаветното откривање на Црквата е сенка во однос на нејзината полнота на откривање која ќе се оствари во последниот ден, во идниот век, т.е. во есхатонот. Овоплотувањето на Синот Божји и единството на човекот и созданието со Него како новозаветно откривање на Црквата е икона на есхатонот, икона на својата идна состојба. Со оглед на тоа дека преку заедницата со луѓето и со создадената природа се открива, т.е. овоплотува Личноста на Синот Божји, Црквата е Негово Тело, Тело Христово. Поточно, Црквата е Христос.

Превод од српски јазик: Епископ брегалнички и Местобљустител битолски Марко
Од:
Епископ пожаревачко-браничевски д-р Игнатиј (Мидиќ): Биће као есхатолошка заједница, Одбор за просвету и културу Епархије браничевске, Пожаревац 2008.


[1] За ова види Ј. Зизиулас, Единството на Црквата во Епископот и Евхаристијата…, 29. и понатаму.

[2]Спореди: Игнатиј Богоносец, Смир, 8.

[3] Види свети Максим Исповедник, Мистагогија, стр. 91.

[4] Види Н. Кавасила, стр. 150, 452-3. За учењето на горенаброените свети отци за Црквата, види ги следните дела: Н. Афанасиев, Трпеза Господова; Ј. Романидис, Еклисиологија на свети Игнатиј Богоносец; Епископ Атанасиј (Јефтиќ), Учење на светиот Апостол Павле за Црквата според свети Јован Златоуст; А. Шмеман, Евхаристија; Наша книга, Тајната на Црквата според св. Максим Исповедник и др.

[5] За жал, денес меѓу богословите се употребува зборот „храм“ кога се зборува за Црква како градба. На овој начин, како што тоа го објаснуваат нашите „учени“ богослови, сакаат да направат разлика помеѓу Црква како заедница и храм како градба. Притоа не се свесни дека прават една фатална грешка, а тоа е дека на тој начин го одвојуваат литургиското собирање од Црквата и под Црква не подразбираат евхаристиско собирање кое се случува во таа градба, туку една апстрактна универзална заедница.

[6] Види П. Трембелас, „Светата Литургија и нејзиниот однос кон другите тајни и треби“ (на грчки) во Евхаристион во чест на А. Аливизат, Атина 1958, 462-472. За жал, денес во Православната Црква единствено ракополагањето останало во состав на светата Евхаристија, додека сè друго е одвоено од неа. Колку е ова катастрофална грешка ќе видиме подоцна кога ќе зборуваме за крштевањето.

[7] Види митрополит (Јован Зизиулас), Единството на Црквата…, Атина 1990, 44. и понатаму (грчко издание). За жал денес многумина под Тело и Крв Христови ги сфаќаат само објектите на Евхаристијата, а не пред сè заедницата на луѓето околу епископот како околу Христос. Со поистоветувањето на Телото Христово со објектите на светата Евхаристија, се изгубил старопреданискиот поим за Телото Христово како Црква, како заедница на многу луѓе во Христа, којашто се пројавува во евхаристиското собрание. Христос од живи личности, т.е. од заедници на личности стана ствар. Ваквото схоластичко гледање на Црквата и светите тајни, посебно на Тајната Евхаристија кое дефинитивно прави проблем таа повторно да се поистовети со евхаристиското собрание, не само што не одговара на светоотечкото сфаќање и изразување на Црквата, туку се заканува да ја укине и самата Евхаристија како заедница.

[8] Оттука Христос се нарекува: Апостол (Ев. 3,1); Учител (Јн. 13, 13); Епископ (Ев. 13, 20); Свештеник (Ев. 5, 6); Ѓакон (Мт, 12, 18); слуга Божји итн. Христос „Првенствува во сè и во сите“ (Спореди: Кол. 1, 18).

[9] За светоста види: Ј. Зизиулас, Онтолошко гледање на светоста, или поточно, есхатолошко гледање на светоста која што се поистоветува со вечното постоење преку слегувањето на Бог Синот во светот и соединувањето со Него што ни го обезбедува Светиот Дух, раѓа и еден нов вид, начин на постоење на човекот во историјата. Тој нов начин на постоење е љубовта кон Бога и кон секој човек, па и кон непријателите, без оглед на неговите морални квалитети. Другиот човек го гледаме како смртен, што и самите сме, та на сите животот ни е дар Божји во Христа. Неосудувањето на другиот човек произлегува од свеста дека нашето постоење е дар Божји, а не наша заслуга. Од оваа перспектива гледано можеме да ја разбереме и љубовта на човекот кон непријателот, т.е. кон грешникот, како кон самиот себе, бидејќи и самите сме грешници. Свеста за тоа дека сме смртни битија и дека можеме да станеме бесмртни, единствено преку благодатта Божја, во Христа, нè упатува на заедницата со Бога во Христа Којшто е единствен извор на бесмртноста. Свеста дека сите сме смртни и дека животот ни е дар Божји, раѓа кај човекот љубов кон другиот човек. Нашиот однос кон другиот човек станува таков што ние кон него се однесуваме како кон оној когошто Бог го сака и кому исто така му ја дарува бесмртноста во Христа, како и нам. Тоа предизвикува и смирение кај човекот и љубов кон другиот. Истовремено, тоа кај човекот раѓа благодарност (Евхаристија) кон Бога што нè привел од небитие во битие и што ќе ни дарува живот вечен (спореди со молитвата на анафората на свети Јован Златоуст). Тоа постоење на човекот се поистоветува со евхаристиската заедница.

[10] Види ја Напомената 19.

[11] Максим Исповедник, PG 91, 1097abc.