Против идолите

За благочестивоста и за сето вистинско знаење, не е толку потребно човечко учење, колку што e нивното познавање кое се содржи во себеси. Знаењето не  се обелоденува секојдневно само низ делата, туку и низ Христовото учење се покажува посветло и од сонцето.

Сепак, имаш желба да чуеш за споредбите на знаењето, ела блажени, да принесеме нешто, колку што би можеле за Христовата вера. Се разбира, тоа можеш да го најдеш во Светото Писмо, но, сепак, добро е и другите да го чујат. Светото и боговдахновено Писмо самото е доволно да ја објавува вистината. А има и многумина од нашите блажени учители и Отци, кои составија слова за таа цел. Во списите на отците, секој ќе го дознае правилното толкување на Светото Писмо и ќе биде во можност да се устреми кон она што тој сака да го дознае. Меѓутоа, бидејќи сега ги немам во рацете делата на отците, она што го научив од нив морам да ти го соопштам и да ти го напишам. Имено, мислам за верата во Спасителот Христос. За некој да не го смета за безвредно учењето на нашето слово, ниту да не ја мисли за безумна верата во Христос.

Oтпаднатите Хелени се подигруваа и се потсмеваа на нас, не за нешто друго, туку за Христовиот крст. Нивното безумство е за сожалување оти го отфрлија крстот. Тие не ја гледаат силата на крстот која го исполнува целиот светот, не гледаат дека низ неговата сила на сите луѓе им се објавени делата за божјото познавање. Кога би го ставиле нивниот ум во Бога, не би се ругале на крстот, туку и тие би го познале Спасителот на светот и тогаш би признале дека крстот не е загуба, туку дека е од голема корист на светот. Бидејќи со распнување на крстот, згасна сета сила на идолопоклонството, со знакот на крстот падна секоја демонска појава и единствено на Христос се поклонуваме и низ Него се узнава Отецот, оние кои противречат се посрамуваат, а душите нивни секој ден невидливо ги менува и разубедува. По споменативе работи, како може некој да каже дека за нив уште тоа е човечко дело, а да не исповедаат дека е Слово Божјо и дека е Спасител на светот Кој се качи на крстот? Мене поточно ми се чини дека оние кои го клеветат крстот, се како оној кој се восхитува на сончевата светлина кога гледа како сите созданија се осветлени, но го обвинува сонцето кога ќе го види покриено. И како што светлината која е прекрасна и поблагопријатна, и произлегува од сонцето кое е извор, основа на зракот, практично така бива и со Божјите работи, целиот населен свет е исполнет со неговото знаење, творец и главен водич на овие успешни, добри дела, е Бог и Логосот Божји. Така Бог е творец на сите созданија и целиот свет е исполнет од неговото Божјо знаење.

Значи говориме колку што е возможно за нас, прво, откако ја проверивме неученоста и незнаењето на оние кои не веруваат и откако ги проверивме нивните лаги, ќе блесне вистината од себе, и ти човеку остани смел и биди тврд во верата бидејќи поверува во вистината и штом го спозна Христос, не си заблуден. Ти кој си Христољубив, треба да те водам и да ти раскажувам за Христос, затоа јас верувам дека од сите нешта највисоко ценето е спознанието и верата во Него.

2.

Од почетокот немаше злоба. Не постои ниту пак сега во оние кои се свети, и не постои во нивната природа. Тогаш луѓето почнаа да ја смислуваат злобата и да ја употребуваат едни против други. Следствено на тоа, самите луѓе ги востановија идолите во нивните мисли, замислувајќи дека постојат тие нешта што не постојат. Од една страна Творецот и Цар на целиот свет, Бог, Кој е над секое постоење и ги држи сите човечки мисли, затоа што е Добар и е над секоја милост и Тој е милоста и добрината, и низ истиот Логос, Спасител наш Исус Христос, го создаде човечкиот род по Својот образ. Го устрои човекот да биде сличен на него, да може да ги гледа и да ги узнава нештата и му даде на човекот ум и способност да ја узнае вечноста, бесконечноста на Бог.

За да се спознае и задржи истоветноста со Бога, воопшто да не фантазира за Бога, и да не отпадне од светиите, но за да ја има благодатта која му е дадена од Бога, штом човекот ја поседува онаа иста сила од отечкиот Логос, да го прославува и да разговара со Бога, да живее живот кој е благопријатен и да се радува на човечкиот живот блажен во кој нема смрт. Ништо не го спречува во спознавањето на Бога, а човекот секогаш може во зависност од чистотата своја да го гледа образот на Бога Отецот, на Бог Логосот – според чиј што образ човекот е створен. Низ Образот Божји, човекот прекумерно е воодушевен и ја разбира Божјата Промисла за светот, тој стои високо над оној кој чувствува и над сета телесна фантазија која е настаната, и умствено се обединува со небесните Божји енергии. Кога умот на човекот ги избегнува земните работи и не сака да се соединува со таквите желби, тој е над себе во висините и се наоѓа во состојба во која што бил на почетокот, пред падот. Тогаш ги надминува сите човечки и сетилни нешта и му се случува да го согледа и доживее небесното, и станува оној кој го гледа Синот, а штом го гледа Синот всушност го гледа и Отецот, и тогаш се насладува на тоа божјо видување и се возобновува во човекот таков копнеж за Бога. Согласно како што бидна со првиот човек кој на еврејски бил наречен Адам, како што се вели во Светото Писмо, уште на почетокот неговиот ум без никаков срам од гревот и со смелост беше свртен кон Бог и живееше со светињите во умствено богосогледување и беше на тоа место, коешто светиот Мојсеј го нарече рај. Бидејќи чистотата на душата е способна и таа е како огледало на Бог, како што и Бог вели: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе го видат Бога“.[1]

3.

Значи така, како што рековме, Создателот го установи човечкиот род и посака да остане таков. Но, луѓето, сепак, ја презреа силата господарска и решија да ги напуштат овие нешта. Побараа што е поблиско до нив, а поблиски до нив беа телото и чувствата на телото. Како резултат на тоа, нивниот ум ја отстрани духовноста, и почнаа да размислуваат само за себе. А откако почнаа да мислат само на себе, останаа во присвоените телесни и други чувства, слични на нив и останаа намамени во истите, се доведоа до лажна процена за себе, и паднаа во страст за себе, затоа што споменативе нешта ги претпочитаа пред божјите. Откако останаа во таа состојба и не сакаа да се оттргнат од земното, ја осудија душата нивна на телесни наслада, и останаа секогаш во безредие и осквернавени од страсти. А на крајот ја заборавија моќта која им ја подари Бог во почетокот. Таа истата, која што Творецот ја имаше излиено врз нив во првите времиња. Меѓутоа, за вистинитоста на ова, секој може да се увери, според она што Светото Писмо ни го вели за првиот човек.

Та оној човек, Адам, додека го имаше умот свртен кон Бога, го гледаше единствено Бог и избегнуваше сè што е земно. Но, кога слушна совет од змијата, тогаш се оддалечи од промислата Божја, а потоа се сврти кон себе и тогаш западна во телесна страст и „увидоа дека се голи“ [2] и почувствуваа срам. Не го почувствуваа срамот поради недостаток на облека, туку голотијата им беше затоа што ја изгубија врската со Бог и го свртија својот ум кон спротивното.

Се оддалечија од едниот и вистинит Бог, и луѓето се доведоа во состојба која допушта страстите да навлезат во телата. Следно, западнаа во многу различни желби и тоа создаде таква состојба меѓу нив, што се плашеа да ја напуштат. Како резултат на сето ова, душата се присоедини со кукавичност, малодушие, страв, задоволства и потчинетост на смртта. А штом не сака да се оддели од телесните желби, душата се плаши од смртта и од одвојувањето од телото. И одново посакува, а кога нема да ѝ се задоволат желбите на душата, тогаш почна да убива и да прави неправди. А на кој начин на душата ѝ се случуваат овие работи, дозволете колку што ни се силите да објаснам.

4.

Душата откако отпадна од созерцување на Бога, и откако ги злоупотреби телесните енергии, остана во насладување на телесните желби и виде колку е добра насладата во уживањето на задоволството и падна во заблуда за користење на називот за добро и сметаше дека оваа телесна наслада всушност е вистинското добро. Како на пример кога некој намислува да воспостави ред со меч, мислејќи дека тоа е мудро.

Душата го засака уживањето и си започна да ужива во разни задоволства. По природа е лесно подвижна, но и добрите нешта лесно ги враќа, не престанува да се движи кон доброто. Меѓутоа, од тој час престана да се движи кон доблестите, престана да го гледа Бога. Почна да не размислува нормално и силата која е во неа да ја изменува и да ја злоупотребува за лоши желби и стана независна, затоа што е самовласна, слободна. Како што може да се приклонува кон доброто, така може и да се оттргнува од доброто. А штом се оттргнува од доброто, секогаш го мисли спротивното.

Затоа што душата никогаш не може воопшто да го смирува своето движење, бидејќи таква ѝ е природата нејзина, како што рековме: таа е лесно движлива. А штом ја спозна нејзината слободна волја, ја увидела нејзината способност да ги движи членовите на телото кон двете страни: кон она што суштествува и кон она што не суштествува. Она што суштествува е доброто, а она кое не суштествува е лошото. Она што е велам добро, соодветно го има за прототип Бог. Не велам дека има лошо, следствено не постои лошото, затоа што злото го има создадено човечката фантазија, и поради тоа е непостоечко.

Ги имаме очите на телото за да го видат созданието, и Творецот да го спознаат низ хармонијата на устројството. А штом има уши да го слуша Божјото слово и Божјите заповеди, а има и раце за потребната енергија и да ги подигне кон Бога на молитва. Душата откако се оддалечи од согледување на добрата, и од движењето кон нив, дојде во заблуда и се придвижи кон она што е спротивно.

Потоа како што реков претходно, ја видовме способноста на душата и како душата ја злоупотребува нејзината способност и можност, помислувајќи дека членовите од телото може да ги движи и кон спротивното. И како резултат на тоа, окото наместо да ги гледа созданијата, се сврти кон страста, покажувајќи дека и тоа е можно. Душата мисли дека ако е подвижна, ја потврдува својата вредност и не греши ако може да ги придвижува тие сили. Не знае дека не треба само да се движи кон било што, туку треба да се движи кон она кое што е соодветно. За ова сведочат и зборовите на апостолот кои се предаваат од еден на друг: „Сè ми е позволено, но не е сè полезно.“[3]

5.

Дрзоста на луѓето не е поради полезното или поради она што им е потребно, туку поради она што тие имаа можност да го направат, па душата почна да се придвижува и да го прави спротивното на она што е долично да се прави. Поради тоа ги придвижија, ги раширија рацете за спротивните, лоши нешта и почнаа да убиваат, и ги однесоа во непослушност слухот и другите делови од телото, наместо да раѓаат деца, наспроти законите, отидоа во прељуба; и јазикот се движи наместо за молитва, за богохулство, за навреди, за лажни клевети; и повторно рацете се движат за да крадат и за да ги тепаат луѓето кои се нивни браќа; осетот за мирис помина во различни еротски вкусови; нозете нивни трчаат „крв да пролеваат“[4]. А стомакот да се препива со јаки пијалаци и да се прејадува до ненаситност. Да заклучиме, сите овие работи се зла и грев на душата.

Причина на сите овие зла не е во ништо друго, освен во оддалечување од она што е најдобро. Како што се случува кога водачот на коњите ги води низ стадионот, а не води грижа за целта. Не се грижи каде ги тера коњите и каде ќе стигнат, туку ги води коњите само каде што може и каде што сака. И многу пати ги придвижува со голема сила и многупати ги тера кон ѕидовите, а понекогаш кон стрмите висини, мислејќи дека ако така трчаат нема да ја промаши целта. Затоа што го гледа патот, но не гледа дека ја промашил целта. Гледа дека е на патот, а не гледа дека е надвор од целта. Така и душата која што се одвратила од патот на Бога, и несоодветно ги задоволува деловите на телото, или подобро речено, душата заедно со телото е принудена да греши и го носи злото. Таа не разбира дека греши и злото се лепи за неа, таа го изгубила патот нејзин и ја промашила вистинската цел. За вистинската цел на душата зборува блажениот апостол Христоносец Павле, кој согледувајќи го тоа, рече: „Трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа.“[5]  Имено крајна цел на светителот е да го распознае доброто, и никогаш да не прави зло.

6.

Некои Елини, незнабожци, откако скршнаа од правиот пат и од Христовото познание, кажуваат дека злото само по себе е во ипостас, односно постои само по себе. Тие се покажаа себе си во заблуда, затоа што згрешија за две нешта. Прво сметаат дека Бог не е Творец на битијата, созданијата. Ако злото има своја и различна испостас и суштина, тогаш Господ не би бил творец на созданијата. Според нив злото само по себе има своја суштина и има свое постоење. Второ, ако идолопоклониците сакаат да кажат дека штом Господ е Творец на сите битија, тогаш поради потребата, Бог ќе го создаде и злото. Следствено: Тој е творец и на битијата, а и злото спаѓа во тие створени битија. Тоа сепак е нелогично и невозможно за да биде така. Затоа што од доброто не може да произлезе злото, ниту злото се наоѓа во доброто, ниту е низ него. Потоа ниту доброто немаше да биде добро ако тоа ја имаше природата на злото или ако беше причина за да настане злото.

А еретиците, избегаа од учењето на Црквата и претрпеа бродолом во верата,[6] тие лишени од расудување, му дадоа ипостас на злото. Независно од вистинскиот Бог Отец Христов, еретиците произведоа и друг бог. А тој бог е нестворен и тој е творец на злото. Го поистоветија со Творецот на светот. Тие се посрамија и постапија безумно доаѓајќи до заклучоци за Светото Писмо, според логиката на луѓето. Значи Господ е Спасител наш Исус Христос и во Евангелието сведочат словата на Мојсеј: „затоа што е еден и единствен Бог и Творец“ и „Те прославувам Оче Господи на небото и на земјата.“[7] А ако е Бог и сам Господ на небото и на земјата, како е можно да има друг Бог покрај него? И каде е според нив Богот на сè, единствениот и вистински Бог кој ги исполнува небото и земјата, според нивното сфаќање? И како може тогаш да постои уште еден творец и спасител на сите созданија, кога веќе творец на сите битија е Бог кој е Отец на нашиот Господ Исус Христос?

Следствено, како некој може да го поддржи богот на злото и да рече дека добриот Господ станал еднаков со богот на злото или да тврди дека делата на богот на злото може да бидат еднакви со делата на добриот Бог? Но, видете во колку големо бесчестие паѓаат. Имено, помеѓу еднакво силните богови не би се нашол ли некој појак. И дури, без да сака едниот бог, другиот сепак постои. Како резултат на тоа и моќта и немоќта е еднаква и во двајцата.

7.

И покрај тоа, на незнабожците може да им се каже и следново: ако створените битија припаѓаат на лошиот бог, тогаш кои се делата на добриот Бог? Се чини дека ништо друго нема, освен созданијата на Творецот. Би знаеле ли што е знакот за добриот Бог, доколку нема дела по кои би Го познале? Затоа што Творецот се познава по делата. А како би можело да бидат два спротивни богови, еден на друг и што е тоа што ги разделува тие два богови за да постојат еден без друг?

Не е можно истовремено да бидат разурнувачки, да се уништуваат еден со друг. Ниту тие можат да бидат измешани еден во друг поради нивната природа која е неизмешана и различна. Значи се чини се разоткрива и трета природа и таа е Бог. Меѓутоа, која би била третата природа што би му припаѓала на овој трет бог? Дали тоа би била добрата или лошата природа? Се чини дека е нејасно. Невозможно е третата природа да биде една од двете.

Се чини дека овие размислувања се неосновани. Има потреба вистината да произлегува од теологијата на Црквата. А тоа е: злото не произлегува од Бога, ниту е во Бога, ниту го создаде Бог злото во почетокот и не е дел од природата на Бога. Луѓето го измислија злото. Тие поради своите слабости се лишија од доброто и почнаа да го фантазираат, да го создаваат и да го заменуваат доброто како што сакаа со оние нешта што не постојат.

Како што се случува и со сонцето кое ако свети тогаш и целата земја е осветлена од светлината. А ако си ги затвориме очите, тогаш ние мислиме дека сме во темнина, додека темнината всушност не постои. Следствено кога одиме заблудено во темнина, многупати паѓаме, врвиме по карпа. Не знаеме дека има светлина, но мислиме дека постои само темнина. Тогаш ни се чини дека гледаме, а всушност не гледаме ништо.

Така и душата на луѓето ги затвора очите, со кои може да го види Бога. И душата си најде средство да ги замислува злата во неа самата, мислејќи дека нешто прави, а всушност не прави ништо и се заблудува во она што не постои. И душата сега не е како што ја создаде Бог, и не остана таква, туку каква што себе се осквернавила, сега таква и се покажува. Таа е создадена за нејзиниот поглед и внимание да биде насочен кон Бог и Бог да ја осветлува душата. Меѓутоа, таа наместо да го бара Бога, наспроти тоа, таа се стреми кон расипливост, погибел и кон темнина, како што и говори Светиот Дух пишувајќи во Библијата: „Бог го направил човекот добар, но луѓето се впуштаат во многу мудрувања.“[8]

 И така расудувањето на луѓето им беше такво во почетните времиња со пронаоѓањето на злото. А и колку луѓе западнаа во манијата на идолопоклонството. И потребно е да се каже, за да се знае дека сето тоа изнаоѓање на идолите не настанало од нешто добро, туку настанало од злото. И она што во основата го има злото, во ништо не може да се смета за добро, туку целото е ништожно.

Превод од грчки јазик: Оливера Димовска


[1] Мат. 5,8

[2] 1. Мој 3,7

[3]  I Кор. 6,12

[4] Изрек 1,16 Иса.59,7 Рим.3,15

[5]  Фил 3,14.

[6]  I Тим. 1,19

[7]  Мат11,25

[8] Проп 7,29