Некои луѓе, читајќи ги текстовите на Старецот Софрониј, го поимаат како еден голем теолог, каков што и навистина беше. Но, истовремено мислат дека беше недостапен и недостижен за луѓето. Сепак, нештата се сосема поинакви. Кога човек го среќаваше, гледаше еден аскет со обединетост на неговото битие, со едноставност и чистота на животот, општо, можеше да види еден вистински, автентичен човек, ослободен од секаков вид страсти, несигурност и сервилност.
Старец Софрониј имаше многу искуства во својот живот, и човечки, и божествени. Немаше расположение да пишува околу овие теми, но тоа го направи кога имаше потреба и постоеше неопходност.
Кога ја проучував книгата на Старецот Софрониј за преподобниот Силуан, во нејзиното прво издание, во мене се разви желба да го запознаам лично. Во тоа време живееше во Англија, во светата Обител на чесниот Претеча во Есекс; и, почувствував желба да го посетам. Тогаш беше на возраст од осумдесет години, но беше во цутот, силен и покрај болестите што го измачуваа. Ги примаше сите луѓе, разговараше со нив, исповедаше, се разбира не многумина, служеше Литургија секоја недела, многупати и во сабота, ги пишуваше своите последни книги, јадеше со нас во трпезаријата на манастирот, им одржуваше синаксис на монасите, одвреме-навреме патуваше за да посети други заедници, коишто го покануваа, посетуваше и свои блиски луѓе во нивните домови, во околните градови и т.н. Беше еден жив човек и насекаде ширеше оптимизам.
Во тоа време кога ми се разви желбата да го посетам Старецот, беше едно тешко време заради многу различни причини, коишто ќе ги наведам подолу. Како и да е, отидов во Англија за да го сретнам за првпат во 1976 год., пред 31 година. Останав во манастирот околу еден ипол месец, та во продолжение, речиси секое лето и во текот на многу години го посетував манастирот и имав духовно заедничарење со вечнопамјатниот велик Старец.
Ќе опишам накратко, неколку сцени коишто повремено ги живеев, а ги живееја и оние што го посетуваа манастирот за да го сретнат Старецот.
а. Прием
Секој, којшто одеше во манастирот чувствуваше дека монасите го примаа, по заповед на Старецот, како единствена, неповторлива личност. Кога Старецот знаеше во кој час ќе пристигне неговиот познаник, излегуваше да го пресретне и да го поздрави, или праќаше некој монах за да му ја пренесе неговата љубов и да му ја изрази неговата радост што направил толку голем пат за да дојде до него. Даваше заповед да се погрижат за него соодветно и да направат да се почувствува како во сопствена куќа.
б. Божествена Литургија – Молитва
Клучниот духовен белег на светата Обител и на Старецот беше Божествената Литургија и кенотичката[1] жртва, којашто ја живее човек во Литургијата. Служеше Литургија секоја недела, многупати и во сабота, и се причестуваше во другите денови кога се служеше Божествена Литургија.
Кога служеше Литургија, сиот негов психосоматски свет беше совршено собран како во тупаница. Секој гледаше дека неговиот ум беше сосредоточен во срцето. Никој не се осмелуваше да го погледне, а уште помалку да му прозбори. Неговите движења беа свештенодостоинствени и бавни, и го благословуваше народот со сознание за тоа што го прави, гледајќи ги сите присутни. Неговите возгласи се кажуваа со таков тон и ритам, така што умот лесно може да го следи кажаното, зашто кога некој пее многу брзо или многу бавно тогаш умот се расејува. Она што секој го чувствуваше беше дека: старецот се моли и со логиката кажувајќи ги молитвите, но и со умот, којшто му беше во срцето. Многупати во Божествената Литургија се вдлабочуваше, особено кога за време на читањето на Апостолот седнуваше на столицата, за малку да се одмори. Не се работеше за телесен сон, бидејќи имаше свест за тоа што се случува во храмот.
Секојдневната молитва, којашто ја имаше одредено за да се извршува во храмот, а многупати и самиот беше „присутен“, се случуваше во изразито умилителна клима, што создаваше покајание и чувство на присуството Божјо. Два часа наутро и два часа навечер во храмот само со светлото на кандилото, со устата се возгласуваше молитвата кон Христа: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè“, и кон Пресветата: „Пресвета Богородице спаси нè“, на различни јазици.
Божествената Литургија и молитвата ја осветуваше целата атмосфера во светата Обител, и ја развиваше воздржателната клима на вистинскиот монашки живот.
в. Трпеза
Како во сите манастири, така и таму, времето на трпезата беше свето. Присуството на Старецот беше одлучувачко. Сериозен и замислен го одржуваше неговото тело со малку неопходна храна, со многу благородство, но неговото присуство беше светло, духовно. Се сеќавам дека за времетраењето на трпезата кај сите развиваше покајание и духовен плач. Читањето, поуката и присуството на Старецот, коешто буди почит, создаваа една длабока духовна клима.
Посетителот, првиот ден ја имаше таа радост за време на трпезата да седи до Старецот, по негова покана, пред монасите, дури и да беше лаик. Но, веднаш потоа, си го заземаше местото после сите други. Старецот велеше дека првото место е почесно, бидејќи ја покажува честа што му ја укажуваме на нашиот гостин, но и последното место е почесно, бидејќи открива дека го причислуваме во нашето семејство.
г. Гостољубие
Гостољубието беше за пример, благородничко. Го трогнуваше тоа што некој направил долг пат за да го посети манастирот и целосно му се предаваше нему, особено кога силите му беа во цутот и кога сфаќаше дека другиот има потреба од духовна помош. Ако не можеше да го услужи лично, тогаш му се извинуваше. Се чувствуваше многу непријатно, и речиси одвратително, кога некој го посетуваше и стоеше наспроти него, со почит, сметајќи го за светител, та велеше: „не посакувам луѓето да ме среќаваат и да ме сметаат за светител“.
Многупати на браќата од светата Обител им даваше заповед да го прошетаат посетителот во областа околу манастирот, но и во други градови, како на пр. Оксфорд, во Колчестер и т.н. Премногу се радуваше кога посетителот пребивајќи во манастирот се чувствуваше како во сопствената куќа. Еднаш, изразувајќи ја доблеста на гостопримството, ме зеде со себе за да посетиме едно нему познато семејство, во еден соседен град. Воглавно, тоа го направи за да ме одмори и за да ги изрази своите гостољубиви чувства.
д. Љубов кон луѓето
Неговата љубов кон луѓето коишто го посетуваа манастирот беше голема. Се радуваше затоа што манастирот беше секогаш отворен и монасите го примаа народот со голема радост и без негодување. Знаеше дека луѓето на нашата епоха се наскрбени од различни причини, и како огорчени, чувствителни се на секоја тешкотија со којашто се соочуваат, па така изразуваат различни поплаки. Затоа, ја покажуваше неговата богата љубов кон оскрбените и понижените.
Манастирот во неделите беше место за средба на стотици луѓе, коишто после Божествената Литургија се движеа непречено во дворот на манастирот, јадеа во манастирот, повеќето од храната што ја носеа со себе си, под превисоките дрва што се наоѓаа во дворот, се исповедаа кај духовните отци од манастирот, учествуваа во молебниот канон, ја слушаа востановената беседа.
Особена љубов изразуваше кон малите деца. Ги прегрнуваше, им делеше чоколади, им даваше благо, ги празнуваше нивните имендени, го пееше нивното многулетствие, и општо, зборувајќи со децата, се однесуваше како мало дете.
Многу се трогнуваше со оние луѓе коишто се наоѓаа во очајание, во притеснение од внатрешните агонии, и со оние коишто се занимаваа со умствената, срдечна молитва, во атмосфера на покајание. Исто така се трогнуваше од младите, од анархистите, од гладните и жедните за правдата Божја, коишто поминуваа низ она што и тој го имаше поминато низ својот живот. Стоеше наспроти нив со почит и љубов, и правеше сè за да им помогне.
ѓ. Разговор – исповед
Посветуваше часови за да разговара за различни духовни потреби. Најчесто имаше два начина на заедничарење со луѓето.
Едниот беше кога некој ќе побараше да го сретне и да поразговара со него за некоја сериозна тема што го окупираше. Најчесто ја прифаќаше молбата и го повикуваше кога имаше прилика. Прашуваше колку време ќе остане во манастирот и тој го одредуваше времето на средбата, и многупати го примаше човекот во претпоследниот ден од неговото заминување. Како што имам разбрано ова се случуваше со определена цел, којашто ја имаше. Сакаше да му се даде можност на посетителот, да навлезе во атмосферата на светата Обител, да го восприми целиот нејзин дух, да се помоли, да се исповеда кај духовниците на светата Обител, да се прекрши во духот на покајанието коешто секој го чувствуваше во манастирот, да се очисти неговиот ум и после сето ова, нивата на неговата душа беше готова да го прими неговото слово.
Средбата се случуваше во малата канцеларија на светата Обител. Пред да почне со разговорот, а додека сè уште беше исправен, ќе се помолеше изговарајќи бавно и стабилно: Цару Небесен… за да се благослови разговорот. Се ставаше под покровот и дејството Божјо. Во продолжение Старецот ќе направеше еден мал вовед, изразувајќи ја својата радост за оваа средба и многупати, без тоа да го разбере соговорникот, го одведуваше до проблемот, којшто ги имаше и за којшто сакаше да го поразговара со него.
Кога соговорникот сакаше да се исповеда, Старецот, со бавни движења го ставаше епитрахилот и со бавен ритам ја читаше соодветната служба, и во продолжение, откако ќе ја слушнеше исповедта и ќе изговореше едно боговдахновено, исцелително слово, не прост разговор, туку она што ќе му го откриеше Господ; значи, првото слово што му го објавуваше Бог, та, потоа, бавно и со умиление ја читаше отпустителната молитва.
Ако разговорот немаше личносен карактер, но општ, тогаш, веднаш после пладневната трпеза, го покануваше заедно со посетителот и игуменот, или други членови на братството на заедничка средба, на којашто после востановеното послужување, развиваше различни теми, во најмногу случаи богословски и духовни. Анализата на лицето, личноста, смислата на личносното начало, откровенската изрека: „Држи го својот ум во пеколот и не очајувај“ и истоштението за време на Божествената Литургија, беа некои од централните и омилени теми во неговите разговори.
Другиот начин на разговори беше според случајност за посетителот, а за Старецот можно е да беше и однапред определен. Го среќаваше посетителот во некој дел од манастирот и му велеше: „да одиме на една прошетка“. Многупати, за да има поголема стабилност во движењата, оти воглавно имаше проблеми со половината, но уште повеќе за да ја покаже заедницата, единството и љубовта помеѓу нив, го држеше својот соговорник под рака. Го започнуваше разговорот, и нормално, соговорникот, наоѓајќи се пред татковското, утешително и најблаго слово, коешто излегуваше од неговата уста, како срж на неговото духовно искуство, не се дрзнуваше да се спротивстави, ниту, пак, да праша или со сопствен збор да го продолжи разговорот. Старецот не му забрануваше, но неговиот збор го приковуваше соговорникот. Во такви прошетки слушнав негови слова за врската помеѓу Божествената Литургија и умствената молитва, за широчината на покајанието, за сеќавањето на смртта, за начинот на автентичното црковно живеење, за пастирската служба на брачните свештеници, за семејствата, за воспитувањето на младите, за разликите помеѓу академското учење и светите Отци, различни теолошки теми и т.н.
е. Посети
Неговото чувствително срце кон целиот свет го правеше да се моли за сите луѓе. Воглавно се молеше за оние луѓе, коишто со него имаа духовна зедница, а уште повеќе кога тие се наоѓаа во скрб, се подвизуваа во умната молитва, имаа настроеност за монашки живот, или, пак, се наоѓаа на духовниот стадиум на повлекување на божествената благодат. Постојано се интересираше за нив со духовно благородство.
Многупати посетуваше луѓе, коишто му бараа помош, или, пак, самиот забележуваше дека имаат потреба. Одеше во домовите на луѓето за да им каже некое утешително слово, посетуваше болни во болниците, но одеше и во заедници, коишто трагаа по духовен живот.
ж. Љубов кон природата
Ја сакаше природата, творбата Божја. Опкружувањето на манастирот сакаше да биде грижливо средено, и ја почитуваше секоја тревка, бидејќи беше плод на творечката енергија Божја.
Сакаше да се садат дрвца во манастирот. Самиот го одредуваше просторот и ги определуваше видовите на дрва што ќе се засадат. Еднаш излезе од неговата куќичка за да нè види додека садевме дрвца. Толку се израдува, та нè повика за да ни даде освежување.
з. Чувство за хумор
Велат дека карактеристичен белег за еден светител е дека има чувство за хумор. Во истражувањата на отечките списи најдени се многу такви примери. Ова го гледаме особено во посланијата на светиот Григориј Богослов, но и кај современи светители, како кај Старецот Пајсиј. Овој хумор го имаше и Старецот Софрониј.
Како што веќе стана збор, се притеснуваше и немаше никакво расположение да го продолжи разговорот со човек којшто му се обраќаше со убедување дека зборува со еден светител. Ако се случеше вакво нешто, го прекинуваше разговорот и наоѓаше изговор за да замине. Употребуваше многу досетливи фрази, коишто во себе го имаа и обележјето на радост, но и на внимателна поука, се смееше од срце за нешто што ќе кажеше или ќе чуеше. Некогаш се однесуваше со една детска едноставност, без да биде дете. Ги имаше сите одлики на дете во мудроста на еден голем човек. Кога чекорејќи по патеките на манастирот ќе сретнеше некоја група од познати луѓе или деца, им се приближуваше или му се приближуваа, и им кажуваше поучни истории, така што од радосниот џагор, сите сфаќаа дека таму се наоѓа Старецот.
ѕ. Збогување
Кога некој ќе останеше подолг временски период во светата Обител и ќе навлезеше во нејзината атмосфера, тогаш беше сметан за член на ова семејство. Оттука, денот на збогувањето беше трогателен.
Сите монаси, заедно со Старецот, се собираа во храмот на светата Обител, и биваше една соодветна служба со којашто се упатуваа прозби за Господ да го благослови патот, читаа и соодветно евангелско чтение и прикладна молитва.
После оваа служба, сите излегуваа на патот, до автомобилот со којшто посетителот требаше да патува. Сите го целиваа, му дава некаков дар како благослов, а некогаш кога посетителот ќе побараше, се фотографираа за да постои еден спомен; и, кога автомобилот се оддалечуваше од светата Обител, сите, на чело со Старецот Софрониј поздравуваа со рацете долго време, сè додека автомобилот не скршнеше на кривината од патот, и, навистина, некои вадеа шамивчиња и мафтајќи со нив го поздравуваа посетителот, којшто си одеше.
Никој не можеше да остане нетрогнат од начинот на којшто се случуваше збогувањето и се разбира ниту едно срце не остана нетрогнато пред овој топол израз на љубов.
+ + +
На настаните коишто погоре ги опишав бев сведок, очевидец, и затоа описот е автентичен. Настаните можеше да се случат во различни денови и периоди. Но, сето тоа можеше да се случи и само во текот на еден ден, така што тие ја покажуваат секојдневната програма на Старецот Софрониј.
Еднаш, карактеристично, ми рече: „Во нашиот манастир се случува истото што се случува и со типикот на Црквата. Постои основната книга Октоих, во којашто се содржат тропари за секој ден на посебниот глас, но истовремено се менуваат и тропарите од Минејот, од светителот што во тој ден го чествуваме. Така се случува и во нашиот манастир. Октоихот, една постојана основа – тоа сме ние, но секој ден се придодаваат нови посетители. Не ни ја менуваат програмата, но тие земаат нешто од нас и така се вознесува нашето секојдневно славословие кон Бога“.
Голем впечаток ми прави фактот дека еден толку голем теолог на нашата епоха, којшто познаваше корифеи, теолози и философи, но главно се удостои, како што се гледа во неговите текстови, да стекне големо искуство на Бога, и стигна дури до созерцание на несоздадената Светлина, да е толку близу до нас, да се однесува на толку едноставен и човечки начин. Исто како да го гледаш Христа, запазувајќи ги сразмерностите: во еден момент да се преобразува на гората Тавор, а во друг да се наоѓа помеѓу луѓето и да ја ублажува нивната болка; во еден момент да псали со Своите Ученици на Тајната Вечера, а малку подоцна да биде распнат; во еден момент да поучува, а во продолжение да ги зема децата во Својата прегратка и да ги благословува; во еден момент да ги разобличува закониците и фарисеите, а во друг да ја остава жената блудница да му ги мие нозете, и да ѝ ги простува гревовите.
Старецот Софрониј беше голем исихаст, искусен теолог, но нежен и мил духовен отец. Тие што го познаваа можат да потврдат за мудроста, за едноставноста, за нежноста и за неговата преизобилна љубов, особено кон луѓето коишто се чувствуваа ништи по дух.
превод од грчки јазик: игуманија Кирана
изворник:
Μητροπολίτου Ναυπάκτου καί Ἀγίου Βλασίου Ἰεροθέου
„Οἴδα ἄνθρωπον ἐν Χριστῷ“
Βίος καί πολιτεία τοῦ Γέροντος Σωφρονίου
τοῦ ἡσυχαστοῦ καί θεολόγου
Ἱερά Μονή Γενεθλίου τῆς Θεοτόκου (Πελαγίας)
2007
[1] η κένωσις = истоштение