Мал е бројот на оние на кои им се допаѓа да живеат во рамките на своето време. Ех, порано, ќе се рече. Не сум се родил/а во тие времиња. Со мојата префинетост сигурно на кралскиот двор ќе танцував менуети во долги фустани… За слугување во штала, се чини некако помалку се мисли. Но, вака или онака, илузиите за подобрите времиња, кои некаде исчезнале, постојат. Соблазната се појавува со прашањето: Каде да се вратиме? Која епоха да ја обновиме?
А, кои се, всушност, варијантите?
Русија до Петар Велики, Русија на Петар Велики, советските времиња. Изгледа тоа е сè.
Сите горенаведени епохи си имаат свој осмислен стожер. Русија до Петар, се стремела кон една сеопшта, сенародна светост, како идеал. Русија на Петар Велики се стремела кон величие на државата. Советската држава сакала социјална правда. Овие три позитивни стожерни моменти ги имаше истакнато Свјатејшиот Патријарх, кога во една од неговите беседи го анализираше нашиот историски пат.
Само што, таму да се враќаме не смееме. Не само таму. Не смееме никаде да се враќаме. Дури и кога тоа би било возможно, тогаш треба да кажеме: Нема потреба! Никаде нема потреба да се враќа човекот!
Не треба да се враќаме во нашиот „руски шеријат“ наречен „Домострој“. Тоа е добра книга; особено била добра во своето време. Како да се посолуваат печурки, како да се дочекуваат гости, како да се снабдуваме со дрва за зимата, и сето тоа со вера… прекрасно е тоа. Но, да се напишат нови подробни упатства за христијанскиот бит во епохата на супермаркети и микробранови печки е дело однапред осудено на неуспех. Усложеното, без мерка, секојдневие, е неподатливо на некаква строга детализација.
Да се враќаме по примерот на Петровото општество би било самоубиствено. Таму имаме победи – виктории – во армијата, флотата, кај архитектите, книжевниците и дипломатите. Но, мислам дека во Црквата на таа епоха немало победи. Постојат поединечни искри на светоста. Димитриј Ростовски, Јоасаф Белгородски, Оптинските старци. Но, Црквата генерално била притисната од некаков бирократизам, приучена на министерско поведение, заплашувана со некакви забрани од страна на соодветните канцеларии и тормозена со слепа послушност кон државните интереси. А, потоа, „во кобните мигови“ неа и ја повеле на стрелба поради „сакрализација на антинародниот режим“.
Што се однесува до советското време, црковниот живот во тоа – за одредени – мило „гето“ никако не се впишува во задачите на денешницата. Самиот режим на преживување е несоодветен за нашето време, призвано за широко строителство и возобновување. Воопшто, нема каде да се враќаме.
Секоја од трите епохи си има свое име, ако се замислиме над нив. Власт на обреди, власт на држава со површна вера, и, власт на човекојадни идеи за една сеопшта светска среќа без учество на било каков религиозен живот. Токму така, нема каде да се враќаме. Но, постои можност да се обнови проповедта, која: а) при „Домостројот“ не е уважувана, б) при Петар Велики е подозрителна, в) при Советите е забранета. Денес по тоа прашање имаме слобода. Нужен е ризикот со неа да се ползуваме. Тоа е моментот на неочекуваната слобода за клирот (духовниците). Клирот не е повеќе чувар на древните обичаи, не е слуга на царот, ниту пак непријателски елемент, како во трите порано спомнати епохи. Тој е нешто повеќе, нешто поголемо. Вечниот проблем е во тоа што ние не сме подготвени. Велат дека генералите секогаш се подготвуваат за изминатите војни. Проблемите на минатото ги затемнуваат задачите на сегашноста, им фрлаат сенка. Така е можеби и со нас. Да се врати старото, старината, да се укрепи државата или просто да се преживее, ете, со што е поудобно да се занимаваме. Според личниот вкус. Кој во што си заседнал. А, во исто време луѓето пресушуваат од жед по словото.
Забележете колку е говорлива нашата епоха. Телевизиски дебати, политички шоуа, парламентарни настапи, митинзи. Па и кино, театар, и сѐ останато. Сето тоа е изблик на словесна делатност. Нам ни преостанува да дејствуваме.
Постои еден таков концепт – свештени течности: вода, вино, млеко и мед. Тоа е некаква аналогија на четирите реки кои протекуваат од Рајот. Вода, за да живееме. Вино, за да се веселиме. Мед, за да се насладуваме. И млеко, за да се поткрепуваме. Во проповедта сето тоа го има.
Водата – тоа е, просто, да се заедничари, да се помуабети. Луѓето сакаат со нив да се зборува. Сакаат Епископот да им биде достапен како пастир, а не како некаков си висок чиновник со саатница за прием. Вода – тоа е беседата. На најразлични теми во светлото на човековата блискост.
Виното – тоа се догматите. Тоа е отворање на смислата на празниците и на поглавјата од Светото Писмо, кои се читаат во посебните денови. Овде не треба да се беседи. Овде треба да се говори, како Мојсеј од планината. Во радост и со власт. Потребно е да се возвестуваат длабоките вистини откриени од Бога, кои не допуштаат дискусии. Таквото знаење ја весели душата со Божествена радост. Блажен е оној, кој умее на народот да му дава такво питие.
Медот – тоа е парабола, и поучна приказна, и случај од животот. Тоа е она што поучува, веселејќи нè. Не е добро да се биде вечно напрегнат. Испостени лица преку целата година – тоа не е секогаш признак на строго подвижништво. Понекогаш, тоа е признак на запустена болест. Да кажеме, на униние. Или на мизантропија. Погледнете како биле весели, на времето, старците! Како умееле да се шегуваат отгонувајќи го кај луѓето мрачниот бес на унинието. Амвросиј во Оптина, Гавриил во Самтавро и другите. Тоа бил медот.
А, млекото – тоа е практична, од етичките и духовните закони, храна за децата во духовниот развој. Не просто „не кради“, „немој да пцуеш“, „не троши пари бесмислено, неблагодарно“. Туку и зошто не смее да се присвојува туѓото, зошто не треба да се памтат навредите, зошто не треба да се завидува. Тоа е олеснет животен водич за простиот народ.
Очигледно, за „водата“ е потребно просто да се биде човек. За „виното“ – човек, истовремено и молитвен, и образован. За „медот“ – човек кој имајќи проживеано во животот, умее, и покрај скрушеното срце, да носи добра насмевка. За „млекото“ – практичен водач на словесното стадо. Делател, а не мечтател. Сето тоа може да биде соединето, и должно е да биде соединето само во Епископот. Останатото е исклучок. Натрупан со еден куп дела и хартии, Епископот, колку и да е крут, сепак би требало да ги подражава оние кои ги нарекуваме „иже во святых отцы наши“. Тоа се Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст. Па можеме и епохата да ја посочиме, „кадешто би побегнале“, ако посакаме. Ајде да побегнеме во епохата на великите Кападокијци.
Наоколу насекаде е полно со еретици (баш како кај нас). Црковните расколи се умножуваат. Власта не е постојана. Те се однесува како покровител, те гони, како зајци на лов. Луѓето се збунети и преплашени (сè е како сега, меѓу нас). Многубоштвото не исчезнало (тоа кај нив, а кај нас допрва се враќа). Светот е хаотичен.
Но, тие проповедаат дење-ноќе. Влегол во храмот, народот пее некој псалм, оп – беседа на воспеаниот псалм. Тоа го среќаваме кај Василиј. Прочитале Евангелие – веднаш беседа за прочитаното. Тоа го гледаме кај Јован. Ние до ден денес (!) се храниме од нивниот труд. Децата се должни да бидат слични на родителите. И, ако се тие „во святых отцы наши“, значи и ние би требало да го продолжиме нивниот труд, и во квалитетот и во пристапот.
Со еден збор, дајте да се вратиме во времето на широката црковна проповед. Таа се огласувала наспроти власта, наспроти јазичниците, наспроти еретиците. Се разбира, и наспроти сопствените слабости и недостоинства. Но таа се огласувала!
Ќе кажеме: „Но знаете, јас не сум Златоуст“. Така можел и тој да каже: Но знаете, јас не сум Павле! Сепак, не кажал така. Не се криел позади грбот на секретарите и келијниците. Не го изгорел времето на својот живот во пирови со знаменитите. Излегол во бој и на крај, победил. Тој е наш отец. Да се огледаме на отецот, ние децата негови, и напред – на работа! Кај нас, во Русија, досега немало подобри времиња за проповед. Во наша корист е општата писменост на населението (порано немало такво нешто). Во наша корист е отсуството на јавен богоборечки печат. Во наша корист е нашата општа образованост. Сите сме го пропатувале светот, сите сме читале книги. Достапноста на новите комуникациски мрежи е исто така наш плус. Имаме толку многу плусеви, што кога би воскреснал Василиј Велики, би крикнал: „А, вие зошто не ги разликувате времињата?! Зошто не ги ползувате широко отворените двери?!“ А, кога до него би бил и светиот Николај од Мира Ликијска, тогаш фино би ни влепил еден шамар в лице за нашата мрзеливост и неподносливото лукавство. И, како и секогаш, би бил во право.
Неопходно е да се враќаме (ако веќе треба некаде да се враќаме) во епохата на Отците. Додека сè уште не е доцна. Додека не се затворени дверите. Тоа е единствената епоха во која би требало да се обидуваме да се враќаме. Не во целост, зашто тоа е невозможно. Туку во принцип, што е крајно неопходно.
Превод од руски јазик: Јанинка Невчева
Од изданието:
Протоиерей Андрей Ткачëв
Каюсь, что я не ангел
Издательство „Вольный Странник“, Москва, 2019